Активности

Петок, 15 јануари 2021 година

Ориентационен семинар за новоизбрани пратеници на ПС на НАТО

Во организација на Парламентарното собрание на НАТО и НАТО, на 14 јануари 2021 г. преку платформата KUDO, се одржа ориентационен семинар за новозибрани пратеници, кој од 2000 година наваму редовно се одржува во Брисел. На онлајн настанот учествуваа пратениците Павле Трајанов и Арбана Пашоли, членови на Комисијата за одбрана и безбедност, a од страна на Службата, настанот го следеше Секретаријатот на Делегацијата на Собранието во ПС на НАТО. Пратеници од земјите-членки на НАТО: Обединетото Кралство, Република, Словенија, Словачката Република, Романија, Република Полска, Литванија, Француската Република, Канада и Кралството Белгија, како и од асоцијативните членки и земји-набљудувачи во НАТО: Австрија, Азербејџан, Босна и Херцеговина, Република Молдавија и Република Србија исто така учествуваа на настанот.

Пред учесниците се обрати претседателот на ПС на НАТО, американскиот конгресмен Џералд Коноли, кој се осврна на актуелните случувања и нападот на Капитол, најсветото место на американската демократија. Истакна дека вредностите на демократијата беа осквернавени, но не и уништени, бидејќи тоа се вечните идеали на американскиот народ за кои и понатаму ќе се борат и грижливо ќе ги чуваат. Во однос на колективната сигурност, истакна дека во секоја земја постои внатрешен екстремизам кој е како вирус кој постојано ја става на тест демократијата, но ако се делува и поединечно и колективно, победата е загарантирана. Поврзувајќи ги овие феномени во безбедносен контекст, г.Коноли ја акцентираше улогата на НАТО Алијансата која повеќе од 70 години ги брани овие вредности и придонесува кон глобалниот мир.  

За тековната НАТО политичка агенда клучен говорник беше Џејмс Меки, Директор на Директоратот за безбедносна политика и партнерства во НАТО, кој даде осврт на стратешките приоритети на НАТО во контекст внатрешните и надворешните приоритети на Алијансата. Двата внатрешни приоритети се иницијативанта на Генералниот секретар на НАТО “НАТО 2030” и новонастанатите и заканувачки технологии. Агендата “НАТО 2030” има за цел да ја моделира Алијансата во наредните 10 години согласно новите предизвици, со што ќе ја задржи силна во воена смисла, силна во политички контекст и ќе го зајакне нејзиниот имиџ како глобална перспектива. Како надворешни стратешки приоритети, г. Меки ги елаборираше односите на Алијансата со Русија, Блискиот Исток и Северна Африка, Авганистан и Кина. За сите овие приоритети заеднички именител е дијалогот од една страна и и јакнење на одбранбените капацитети на Алијансата во однос на евентуалните предизвици, од друга страна. 

Генералниот секретар на ПС на НАТО Руксандра Попа им посака топло добредојде на новите делегеции и новите парламентарци и ги запозна со работењето на ова Собрание. Како исклучителни придобивки во нивната работа кои ги негуваат речиси 70 години ги посочи: интерактивниот однос на пратениците со Секретаријатот на ПС на НАТО, можноста да се искажат диверзифицирани мислења по одделни деликатни прашања во Алијансата кои настануваат меѓу сојузниците, како и значењето на парламентарниот придонес кон нивно разрешување. Особено го истакна огромното значење на парламентарната димензија во Агендата “НАТО 2030”, каде се придава огромно значење на улогата на парламентарците во градењето на заедничките позиции на Алијансата.  

Раководителот за Европа  и Централна Азија во Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор (DCAF) Дарко Станчиќ даде осврт на соработката на оваа организација со ПС на НАТО и во проектната поддршка на реформата на безбедносниот сектор во земјите во Партнерството за мир. Во овој контекст беше пофалена и соработката со Собранието на Република Северна Македонија во однос на преземените реформски проекти во рамките на DCAF во доменот на парламентарната контрола над безбедносниот и разузнавачкиот систем, прашање кое заслужува особено внимание во државите чии политички системи по дефиниција се парламентарни демократии.   

Ориентациониот семинар на ПС на НАТО е фокусиран првенствено на млади или новоизбрани парламентарци од нациите на НАТО и Советот за евро-атлантско партнерство (EAPC), како и оние кои започнуваат да работат на безбедносни или надворешни прашања. Програмата има за цел да обезбеди детален преглед на функционирањето и политиките на НАТО и Врховниот штаб на сојузничките сили на Европа (SHAPE), како и на развојот на односите на Алијансата со нејзините бројни партнери. 

Click