Активности

Среда, 30 јуни 2021

Осумнаесетта седница на Комисијата за одбрана и безбедност

Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието, на денешната 18. седница, како матично работно тело, во прво читање, го разгледа Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за управување со кризи.

На седницата, во својство на претставничка на Владата, присуствуваше Радмила Шеќеринска-Јанковска, министерка за одбрана. Во своето обраќање таа ја образложи потребата од усвојување на Предлог-законот и истакна дека со истиот се предвидува усогласување со реализацијата на Проектот и започнатата имплементација на европскиот број за итни повици во Република Северна Македонија, E-112.

Министерката нагласи дека со Предлог-законот се предлага и додавање на нов член со кој се врши регулирање на основната плата и додаток на плата за звање и со кој се предлага истите да бидат зголемени за 30% за лицата кои вршат работи од работните места поврзани со функционирањето на единствениот комуникациско-информативен систем со единствен број на повик-јавување во случај на ризици, опасности и други несреќи на целата територија на Републиката (Е-112), а на вработените кои вршат работи од работните места од став (1) на овој член, со  користење на англискиот јазик, основната плата и додатокот на плата за звање им се зголемува за дополнителни 5%, односно вкупно за 35%. Ова е поради специфичноста на работите и задачите, посебните должности и овластувања на овие вработени во системот Е-112.

Во дискусијата по Предлог-законот учествуваа пратениците Бране Петрушевски и Павле Трајанов, кои го поддржаа донесувањето на Предлог-законот.

Комисијата за одбрана и безбедност, со 7 гласа „за“ и ниту еден „против“ и „воздржан“, констатира дека овој Предлог-закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Click