Активности

Четврток, 10 јуни 2021

Пандемијата ја покажа битноста од стабилен здравствен систем

Претседателот на Комисијата за здравство, Арбен Зибери и членовите, остварија средба со Делегација од Врховната Рада на Украина, предводена од Валериј Зуб, копретседател на Делегацијата од Пратеничката група за меѓупарламентарни односи со Република Северна Македонија.

Зибери ја претстави Комисијата и нагласи дека меѓу двете земји нема спорни моменти и се заблагодари за украинската поддршка на нашиот евроинтегративен пат. Во областа на здравството, меѓусебно имаме потпишано договори за соработка, но во насока на продлабочување на истата, во иднина може да се потпишат уште меморандуми за соработка.

Присутните беа согласни дека пандемијата донесе предизвици и наложи голем број промени и законски измени не само во здравствениот систем, туку и во целокупното општествено делување. Од друга страна, пак, многу од планираните реформи останаа нереализирани. Како една од мерките која се презеде во двете земји, е зголемувањето на платите на медицинскиот персонал. Исто така, треба да се обрне внимание и на медицинскиот туризам.

Снабдувањето со вакцини е глобален проблем, затоа што побарувачката е голема и токму затоа, рече Зибери, треба да се покаже солидарност и пропорционално распределување на вакцините.

Во фокусот останува што помасовна вакцинација на населението, која заедно со бројот на веќе прележани ковид пациенти, ќе придонесе кон постигнување колективен имунитет и што поскоро олеснување на состојбата во сите земји. Во таа насока, беше потенцирана важноста од подигање на јавната свест за вакцинација и спречување на дезинформациите за наводна штетност на вакцините. 

Пандемијата придонесе да се увидат недостатоците во здравството, но и конечно да се сврти погледот кон медицинската сфера и да се сфати колку е битен стабилен здравствен систем.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.