Активности

Вторник, 4 јануари 2022 година

ПЕТТА СЕДНИЦА НА НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИ

Националниот совет за евроинтеграции денеска ја одржа Петтата седница на која присуствуваа членовите на Советот од редот на пратениците во Собранието. На седницата пратениците остварија координација за активностите на Националниот совет во текот на месец јануари 2022 година.

Врз основа на дискусијата, членовите на Националниот совет со консензус усвоија заклучоци за следните активности: во јануари годинава да се одржи седница на Советот на која ќе се презентира Програмата и приоритетите на актуелното Француското претседателство со Советот на Европската Унија, како и посебна седница со цел да се отвори поширока стратешка дискусија за состојбите со европската интеграција во државата, која би се одржала по изборот на новата Влада.

На седницата со консензус се усвои предлогот да се ревидира Планот на активности на Националниот совет за евроинтеграции (јуни 2021 - јуни 2022) со нови предлози кои треба дополнително да ги достават членовите на Советот. Исто така, пратениците со консензус се согласија Планот на активности на НСЕИ да се дополни со Анекс - во следните шест месеци да се остварат средби со претставници од Европскиот парламент, Европската комисија, со претставници на Националното собрание и Владата на Француската Република, како и посета на Чешката Република како иден претседавач со Советот на ЕУ (јули - декември 2022).

На седницата беше постигнат консензус Националниот совет за евроинтеграции да испрати покана до универзитетите во државата со цел на студентите да им се даде можност да присуствуваат на седници на Советот и да ги следат дебатите во однос на европската интеграција на државата.

Во расправата на седницата со свои дискусии и сугестии учествуваа: Александар Николоски, претседател на Советот; Гордана Силјановска-Давкова, Зеќир Рамчиловиќ,  Љупчо Пренџов и Дарко Каевски - членови на Советот и Моника Зајкова, заменик-член на Советот. 


»»» Стенографски белешки

Click