Активности

Понеделник, 13 септември 2021

Поддршка на патот кон ЕУ од Француската Република

Претседателот на Комисијата за европски прашања, Арбер Адеми и претседателот на Комисијата за надворешна политика, Антонијо Милошоски, денеска беа домаќини на средба со Делегација на групата за меѓупарламентарно пријателство Франција-Западен Балкан, на Сенатот на Француската Република, предводена од сенаторката Марта Де Сидрак, шеф на Делегацијата и претседателка на Групата. Во составот на Делегацијата беа и сенаторот Арно Базен, претседател на групата за пријателство Франција - Северна Македонија; сенаторот Венсан Сегуен, претседател на групата за пријателство Франција - Црна Гора; сенатор Микел Вале, претседател на групата за пријателство Франција – Србија. Во придружба на Делегацијата беше Н.Е Сирил Баумгартнер, амбасадор на Француската Република во Република Северна Македонија.

На средбата се разговараше за можностите за унапредување на односите помеѓу двете држави, а во тој контекст, беше истакнато дека средбите на парламентарно ниво се од посебна важност и даваат дополнителен придонес. Меѓу другото, се дискутираше за активностите во областа на образованието кои се насочени кон продлабочување на соработката во рамките на Меѓународната организација на Франкофонијата.

Во однос на европската интеграција на нашата држава, беше потенцирана поддршката од страна на Француската Република, а стана збор и за можностите за надминување на пречките кои стојат на патот кон формално отпочнување на пристапните преговори со Унијата, осврнувајќи се, пред се, на проблемот што беше наметнат од страна на Република Бугарија.

Соговорниците се согласија дека со одолговлекување на почетокот на пристапните преговори се зголемува разочараноста на населението во нашата држава и дека поради тоа, неопходно е да постои политички консензус во однос на ова прашање.

Click