Активности

Вторник, 7 септември 2021 година

Потпретседателот Зендели на Конференција на парламентарниот разузнавачки-безбедносен форум во Будимпешта

Потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Фадил Зендели, учествуваше на Конференција на парламентарниот разузнавачки-безбедносен форум, што се одржа на 6 септември 2021 година, во Будимпешта, во организација на Парламентот на Унгарија и конгресменот од САД, Роберт Питинџер.

На овој настан, учествуваа околу 250 учесници - парламентарци од светот и претставници на меѓународни институции, расправаа.

Конференцијата ја отвори Ласло Ковер, претседател на парламентот на Унгарија, а пригодни обраќања имаа и Роберт Питинџер, претседавач на Парламентарниот разузнавачки-безбедносен форум и  Мaрк Дилард, вршител на должност во Амбасадата на САД во Будимпешта.

Во текот на работата, Конференцијата расправаше во осум панели: Ризикот од крипто-валутите и предизвиците за нивно регулирање; Најдобри практики за подобрување на парламентарната соработка; Проценка на ризикот од употреба на биолошко оружје; трговија со луѓе и незаконско финансирање; Практика на злоупотреба во глобалната економска експанзија; двојната употреба на вештачката интелигенција - можности и ризици; Софтвер за финансиски интегритет и незаконска трговија и перење на пари.

Во неговата дискусија во рамките на панелот за парламентарната соработка, потпретседателот Зендели се осврна на потребата од сериозен развој на регионалната соработка меѓу законодавните домови во регионот на Југоисточна Европа, при што истакна дека Република Северна Македонија е вклучена во сите релевантни меѓународни институции и регионални иницијативи. Меѓусебната соработка, рече тој, треба да се гледа како придонес кон одржлив мир и безбедност и приоретизирање на регионалната агенда.

Тој, исто така, го наведе придонесот што Република Северна Македонија го има дадено во мисиите на ИСАФ, Слобода за Ирак и Одлучна поддршка, како и во рамките на АЛТЕА, УНИФИЛ и КФОР- прва мисија како член на НАТО.

На крајот беше усвоена декларација во која Форумот нагласува дека презентациите и панел дискусијата од парламентарци и експерти од секој агол на светот ги истакнаа предизвиците со кои се соочуваат сите земји учеснички.

Исто така, Парламентарниот разузнавачко-безбедносен форум ги препозна напорите на многу земји во борбата против недозволената трговија, сите форми на транснационален организиран криминал, перење пари, трговија со луѓе, сајбер безбедност, 5G, странски инвестиции и  финансирање терор.

Беше наведено дека е потребна поголема поддршка од развиените економии за земјите да продолжат со напорите.

Click