Активности

Понеделник, 8 март 2021

Презентација на евалуацијата на Стратегијата за родова еднаквост 2013-2020

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, на 5 март 2021 година, одржа Јавна расправа на тема: Годишен извештај за спроведување на Стратегијата за родова еднаквост за 2019 година.

Поздравни обраќања на јавната расправа имаа Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите; Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика и Ивона Паунович-Бишевац од канцеларијата на Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Women).

Евалуацијата на Стратегијата за родова еднаквост 2013 - 2020 година ја презентираше Благица Петрески, ангажиран надворешен евалуатор во рамките на проект на МТСП со UN Women.

Стратегијата за родова еднаквост 2013 - 2020 била дизајнирана со вклученост на сите релевантни чинители за процесот. Поставените стратешки цели биле релевантни во периодот кога биле донесени. Имплементацијата на стратегијата е операционализирана преку Национален план за акција и оперативни планови. Изготвени се: два НПАРЕ, за периодот 2013 - 2016 и за периодот 2018 - 2020 година; и три Оперативни планови за родова еднаквост за 2013, 2015 и 2018 година. Сепак, за периодот од осум години, има период од 2015 до 2018 кој не е покриен со национален план за акција, а за периодот од осум години има само три оперативни планови.

Еден од клучните недостатоци на стратегијата, е што нема развиено мерливи, квантитативни индикатори на ниво на специфична цел или резултат. Степенот на исполнетост на планираните активности во ОПРЕ и НПАРЕ е 46%, за период од осум години.

Во дискусијата учествуваа пратеничките Арта Билали-Зендели, Рина Ајдари, Фиснике Бектеши, Маја Морачанин, Снежана Калеска-Ванчева; Сашо Богдановски од АВМУ и Ѓултен Мустафова од МТСП, по што се донесоа следниве заклучоци:

1. Во сите институции да постојат родово разделени индикатори за да може соодветно да се постапува;

2. Потребно е да се индентификуваат мерливи индикатори, за да може Стратегијата да биде појасна;

3. Мониторинг да се предвиди не само на крајот, туку и на средината на предвидената временска рамка на новата Стратегија;

4. На сите закони кои имаат родова димензија да се врши постзаконодавен надзор; 

5. Улогата на координаторите за еднакви можности треба да се зајакне, да имаат статус утврден со посебна систематизација;

6. Да инсистираме на сразмерен распоред на активностите од Стратегијата во сите институции, а не целиот товар да биде во Министерството за труд и социјална политика;

7. Во новиот закон за родова еднаквост да се подигне нивото на секторот за еднакви можности на ниво на секретаријат; 

8. Пратеничките и пратениците во Собранието да бидат особено активни и да помагаат во креирањето на политиките во соработка со невладиниот сектор и со комисиите на локално ниво;

9. Да се продолжи читањето на учебниците и остранувањето на стереотипите;

10. Да јакне свеста за родовата еднаквост уште во градинките и во севкупниот образовен систем;

11. Да создаваме култура на еднаквост, бидејќи се работи за слободи и права без кои нема демократија;

12. Да продолжи медиумската политика која што нема да форсира стереотипи и ќе инсистира на еднаквост;

13. Комисијата да организира јавна расправа во соработка со Комисијата за финансирање и буџет за новиот Закон за буџети со особен акцент на родовото одговорно буџетирање.


На крајот, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова најави нова јавна расправа за ефектите на Ковид 19 врз родовата еднаквост.

Click