Активности

Четврток, 4 март 2021

Презентација на проектот WoMen Lead - Унапредување на родовата еднаквост преку политичкото учество на жените

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите се сретна со претставнички на Националниот демократски институт (НДИ). Целта на состанокот беше НДИ да го претстави проектот WoMen Lead - Унапредување на родовата еднаквост преку политичкото учество на жените, кој ќе го спроведува со поддршка на Шведската агенција за меѓународна развојна поддршка (СИДА).

Унапредувањето на родовата еднаквост е важен предизвик за демократскиот напредок на Северна Македонија. Жените во Северна Македонија имаат ограничен пристап до моќта да носат одлуки, бидејќи се соочени со индивидуални, социо-културолошки и институционални бариери во политичкото учество. Бариерите за родова еднаквост во носењето одлуки се однесуваат на отсуството на искуство и вештини меѓу жените политичарки, институционални пречки во политичките партии, парламентот и владата, социо-културолошки норми коишто опстојуваат и ја отсликуваат родовата пристрасност, и насилство врз жените во политиката. Поповолно опкружување за политичкото учество на жените би дало придонес за севкупната родова еднаквост и би ја зголемило веројатноста за поголем број жени да се одлучат да учествуваат во политичкиот живот.

Проектот WoMen Lead - Унапредување на родовата еднаквост преку политичкото учество на жените, ќе има за цел да ги намали индивидуалните, социо-културолошките и институционалните бариери за политичкото учество на жените во Северна Македонија. Преку оваа програма, НДИ има за цел да се подобрува родовата еднаквост во политичките партии, да им се обезбедат вештини и опкружување со поддршка на жените кандидатки за да водат успешни кампањи и да управуваат на локално ниво, како и да се намали насилството врз жените во политиката.

Покрај презентацијата на проектот, претседателката и членките на Комисијата имаа можност да поразговараат за различните проектни активности, со посебен акцент на оние активности кои би ја вклучувале Комисијата. 

Click