Активности

Четврток, 13 јануари 2022 

ПРЕЗЕНТИРАНА ПРОГРАМАТА НА ФРАНЦУСКОТО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО СО СОВЕТОТ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА 2022 ПРЕД НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИ

Националниот совет за евроинтеграции денеска ја одржа Шестата седница на која беа презентирани Програмата и приоритетите на Француското претседателството со Советот на Европската Унија за периодот јануари - јуни 2022 година, од страна на амбасадорот на Француската Република, Н.Е. Сирил Бомгартнер.

На седницата беа поканети и присуствуваа Н.Е. Дејвид Гир, амбасадор и шеф на Делегацијата на ЕУ и Н.Е. Милан Предан, амбасадор на Република Словенија.

Во претставувањето на Програмата и приоритетите на Француското претседателство со ЕУ, амбасадорот Бомгартнер информираше дека Претседателството ќе работи според девизата „Обнова, моќ и припадност” кои претставуваат столбови каде се утврдени главните предизвици за следните шест месеци. На агендата на Француското претседателство со ЕУ останува Западен Балкан и во оваа насока ќе биде организирана тематска конференција на крајот од претседателството, во јуни 2022 година.

Амбасадорот Бомгартнер детално ги запозна учесниците на денешната седница, за планираните цели и активности на Француското претседателство, на ниво на ЕУ, како и локално и во соработка со Делегацијата на ЕУ, со планирани активности во неколку градови од нашата држава, во Битола, Прилеп, Тетово, со конференции на теми поврзани со европската сувереност, дигитализацијата, климатски промени и социјална Европа, како и голем културен настан во Скопје.

На седницата свои обраќања имаа Н.Е. Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на ЕУ; Александар Николоски, претседател на Советот; Соња Мираковска, потпретседателка на Советот; како и Никола Димитров, заменик-претседател на Владата задолжен за европски интеграции. Со свои дискусии на седницата учествуваа: Арбер Адеми, претседател на Комисијата за европски прашања; Рина Ајдари, член на Советот; Арта Биљали-Зендели и Фиснике Бектеши-Шаќири, заменик-членови на Советот и Снежана Калевска-Ванчевска, пратеничка.

Учесниците во расправата се осврнаа на состојбите во државата и особено предизвиците во евроинтегративниот пат, очекувањата за надминување на спорот со Република Бугарија, за владеењето на правото, за борбата против корупцијата, справувањето со здравствената, економската и енергетската криза. Беа дискутирани прашања за потребата за заедничка соработка во процесот на евроинтеграција, парламентарната дипломатија, продуктивна комуникација со граѓаните како и за потребата за справување со транснационалните предизвици како тероризмот, миграцијата и климатските промени.

 

»»» Стенографски белешки

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.