Активности

Вторник, 6 јули 2021

Собраниска делегација на 29. годишна сесија на ПС на ОБСЕ

Делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ) во состав: Игор Јанушев, шеф на делегацијата, Моника Зајкова и Халил Снопче, членови  на делегацијата, учествува на 29. годишна сесија на ПС на ОБСЕ, што се одржува од 30 јуни до 6 јули 2021 година во хибриден формат.

Трите комисии на Парламентарното собрание на ОБСЕ: Комисијата за политички прашања и безбедност, Комисијата за економски прашања, наука, технологија и животна средина и Комисијата за  демократија, човекови права и хуманитарни прашања одржаа виртуелни седници на 30 јуни, 1 и 2 јули 2021 година.

На седниците се дискутираше по извештаите на тема: „Зајакнување на мултилатерализмот во време на глобална криза: парламентарен повик за идно дејствување“. Во хибриден формат, односно со ограничено физичко присуство во седиштето на ОБСЕ во Виена и онлајн, на 5 и 6 јули се одржуваат Седницата на Постојаниот комитет, во кој членуваат членовите на Бирото и шефовите на националните делегации во ПС на ОБСЕ и Пленарната сесија. 

На отворањето на Пленарната сесија пред пратениците се обратија: Лорд Питер Боунес, претседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ, кој информираше за активностите на ова меѓународно собрание и Ан Линде, претседавач со ОБСЕ и министер за надворешни работи на Шведска, која се осврна на приоритетите на Шведското претседателство со ОБСЕ и планираните цели и активности.

Шефот на Делегацијата во ПС на ОБСЕ, Игор Јанушев, учествуваше во генералната дебата на Пленарната сесија, при што изрази поддршка за заложбите на Шведското претседателство за зајакнување на мултилатерализмот и унапредување на напорите за разрешување на конфликтите во регионот на ОБСЕ.Т ој се осврна на плодната соработка меѓу Собранието и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, со цел за зајакнување на парламентарната независност, надзорната функција и демократската улога, како и промовирањето на родова еднаквост.

Јанушев нагласи дека пандемијата со Ковид-19 покажа дека солидарноста, координацијата и соработката имаат незаменлива улога во справувањето со тековните предизвици и во ваков критичен момент ОБСЕ треба да биде клучна платформа за заеднички ангажман во надминувањето на разликите и унапредувањето на безбедносната соработка. За време на нашето претседателство со ОБСЕ во 2023 година, заедно со другите земји-учеснички, ќе продолжиме со активностите за разрешување на конфликтите и справување со предизвиците со кои се соочува Организацијата.

Се очекува на Годишната сесија со далечинско гласање да бидат избрани претседател, осум потпретседатели и благајник на ПС на ОБСЕ, како и членови на бироата на трите комисии. Гласањето се спроведува преку електронски систем што гарантира тајност на гласањето, безбедност на платформата за гласање и надзор на гласачкиот процес.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите на ОБСЕ во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите права и животната средина.

Click