Активности

Недела, 11 јули 2021

Собраниска делегација во набљудување на парламентарните избори во Бугарија

Пратениците Игор Јанушев, шеф на Делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ) и Халил Снопче, член на Делегацијата, учествуваат во Мисијата на ПС на ОБСЕ за набљудување на парламентарните избори во Република Бугарија, што се одржуваат денеска, 11 јули 2021 година.

Мисијата на ПС на ОБСЕ се состои од парламентарци од земјите учеснички во ОБСЕ, кои се распоредени за набљудување на парламентарните избори во главниот град Софија и другите региони. Набљудувачите на ПС на ОБСЕ тесно соработуваат со колегите од Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОБСЕ/ОДИХР) и од Парламентарното собрание на Советот на Европа. Меѓународната мисија за набљудување на изборите во Бугарија вклучува околу 80 набљудувачи.

Во пресрет на изборите, набљудувачите учествуваа на брифинзи со високи претставници на политичките партии и коалиции што учествуваат на парламенарните избори во Бугарија, со шефот и експертите на Долгорочната мисија на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на изборите и со потпретседателите на Централната изборна комисија.

Мисијата за набљудување на изборите, која е распоредена по добиената покана од  Ива Митева, претседателка на Народното собрание на Бугарија, треба да процени дали изборите се спроведуваат согласно демократските заложби содржани во Копенхагенскиот документ на ОБСЕ од 1990 година. На 12 јули, ден по изборите, набљудувачите ќе ја презентираат прелиминарната изјава за процена на изборите на прес-конференција во Софија, која ќе се пренесува во живо на веб-страницата на ПС на ОБСЕ (www.oscepa.org).

Парламентарното собрание на ОБСЕ ги набљудуваше и последните парламентарните избори во Бугарија, што се одржаа на 4 април 2021 година.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите на ОБСЕ во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите права и животната средина.

Click