Активности

Среда, 7 јули 2021

Собраниска делегација во посета на Секретаријатот на ПАБСЕК во Истанбул

На покана на Хасаф Хаџиев, генерален секретар на Секретаријатот на Парламентарното собрание на Црноморската економска соработка (ПАБСЕК) со седиште во Истанбул, Република Турција, Секретаријатот го посети делегација на Собранието на Република Северна Македонија. Во составот на Делегацијата се Лидија Тасевска, назначена за шеф на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во ПАБСЕК и Цветанка Иванова, генерална секретарка на Собранието.

Во текот на посетата, делегацијата оствари средба со Хаџиев, на која беа дефинирани активностите и потребата од преземање на мерки од страна на Собранието на Република Северна Македонија во полза на полноправното членство во ПАБСЕК.

На средбата Хаџиев даде силна поддршка за нашето членство во ПАБСЕК. Тој се осврна на главните цели на земјите членки  на ПАБСЕК како што се: обезбедување на услови на земјите членки за економска, трговска, социјална, културна и политичка соработка; обезбедување помош на националните парламенти во јакнење на нивната парламентарната демократија; промовирање соработка со други меѓународни и регионални организации, итн. Понатаму, Хаџиев ги конкретизираше мерките и активностите што треба да ги преземе СРСМ за успешен почеток за членството.

Во текот на состанокот Тасевска, назначена за шеф на Делегацијата на СРСМ во ПАБСЕК, истакна  дека парламентарната дипломатија ја поттикнува меѓусебната доверба и силно придонесува за развјојот на пријателските и партнерски односи меѓу земјите членки, како и во одржувањето на стабилноста, сигурноста и мирот во регионот. Таа, исто така, посочи дека како парламенти и како пратеници, можат многу да придонесат во зајакнување на веќе воспоставената соработка во меѓународните безбедносни системи.

Во својата дискусија, Иванова, генерална секретарка на Собранието на Република Северна Македонија, подвлече дека ПАБСЕК несомнено дава нова вредност на парламентарната дипломатија, како важен фактор за јакнење на кохезијата, соработката и комуникацијата меѓу земјите од регионот. Таа  покажа подготвеност за финализирање на сите активности за постигнување на финансиска и  административно-техничка подготвеност на Собранието за старт на членството од јануари 2022 година.




Click