Активности

Петок, 25 декември 2020

Сподели среќа: Претседателот на Собранието испрати новогодишни пакетчиња

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, испрати новогодишни пакетчиња со книги за дечињата хоспитализирани на Детската клиника во Скопје. До Посебното основно училиште „Иднина“ во Скопје и до Посебното основно училиште „Златан Сремец“, испрати нагледни средства за настава за секое училиште, согласно потребите на учениците и наставниците и соодветните наставни програми. 

 

Со оглед на здравствените протоколи во насока на почитување на мерките за заштита, особено на најмалите, претседателот Џафери не присуствуваше на доделувањето на пакетчињата. Тој испрати честитки и писма за благодарност за вработените во споменатите институции, во кои се заблагодари за работата и делата кои вработените ги реализираат секојдневно, за нивната посветеност во работата и во вонредни услови, истакнувајќи дека среќата треба да се споделува, зашто на тој начин таа расте и обзема.

Вработените на Детската клиника се заблагодарија за постојаната поддршка на претседателот, како и за отвореноста на Собранието кон нивната институција. Директорките на ПОУ „Иднина“ и „Златан Сремец“, искажаа благодарност за подготвеноста на претседателот да излезе во пресрет на потребите на учениците и училиштата и да ја дополни моменталната радост на отворање на пакетче со радоста на нагледните средства кои ќе им бидат од полза цела година.  

Click