Активности

Вторник, 31 август 2021

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО ГРЧКИОТ МИНИСТЕР ДЕНДИАС

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Грција, Никос Дендиас, кој престојува во официјална посета во нашата земја. Во фокусот на средбата беше билатералната соработка меѓу двете земји и можностите за нејзино унапредување во иднина.

Претседателот Џафери изрази задоволство од реализацијата на средбата, како континуитет на средби со високи државници од Република Грција. Според него, тоа се должи благодарение на чекорите кои беа преземени од двете страни со потпишувањето на Преспанскиот договор, чија имплементација придонесе за членство на земјата во НАТО, во Јадранско - Јонската стратегија и имплементацијата на втората фаза од Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ.

Согласно договорната рамка, билатералната соработка отвора голем број на можности и потенцијали за нејзино продлабочување. Ова особено дојде до израз во контекст на мигрантските текови и пандемијата предизвикана со вирусот Ковид-19. Претседателот Џафери упати благодарност за донацијата на Република Грција во рамките на мерките за надминување на вирусот Ковид-19.

Во контекст на НАТО, тој ги издвои придобивките од техничките аранжмани за заштита на нашиот воздушен простор. Истовремено, изрази очекување дека наскоро ќе бидат донесени ратификациите во грчкиот парламент со кои се унапредува соработката со Република Северна Македонија во повеќе области, вклучително и во делот на евроинтеграциите, како и реализација на директни билатерални посети на сите парламентарни нивоа со колегите од грчкиот парламент.

Недобивањето на датум за одржувањето на првата меѓувладина конференција и неговото одложување има негативно влијание на перцепцијата кај граѓаните за евроинтеграцискиот процес и може пошироко да се одрази и на останатите земји во регионот, со оглед на фактот што земјата ги исполни сите потребни критериуми и тоа треба да биде што поскоро надминато, заклучи Џафери.  Министерот Дендиас се заблагодари за можноста да се сретне со Претседателот Џафери, нагласувајќи ја важноста на институциите на претставничката демократија во унапредување на меѓусебната доверба и взаемните односи меѓу двете земји. Тој ја поздрави зголемената соработка во повеќе области, како резултат на Преспанскиот договор.

Република Северна Македонија и Република Грција имаат заедничка иднина во Европската унија и тоа е прашање на принцип за Република Грција, која активно ги поддржува легитимните европски аспирации на Република Северна Македонија. Од тие причини, се вложуваат континуирани напори за што поскоро надминување на предизвикот кој стои на тој пат, посочи Дендиас.

Тој упати апел до Претседателот Џафери и колегите пратеници да продолжат да ја негуваат европската идеја меѓу граѓаните, бидејќи истата не е проект на една влада и една генерација, туку континуитет на споделување европски вредности на целиот континент и истата носи придобивки и за земјите членки и за земјите кандидати. На тој пат, Република Грција ја нуди својата целосна помош и поддршка, заклучи Дендиас. 

Click