Активности

Понеделник, 22 февруари 2021 година

Средба на Лолита Ристова со евроамбасадорот Дејвид Гир

Претседателката на Клубот на пратенички, Лолита Ристова, денеска, оствари средба со шефот на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир.

На почетокот, претседателката Ристова го истакна своето задоволство од можноста за реализација на оваа средба, воедно го информираше евроамбасадорот Гир за формирањето, составот, улогата и досегашните достигнувања на Клубот. Исто така, таа го запозна со трите главни поенти на кои ќе биде насочен Клубот во наредниот период, меѓу кои 50:50 застапеност на жените во политиката, нивна поголема видливост во политичкиот живот, како и квотата на жени во извршната власт, од декларативната заложба да стане реалност.

Во тек е евалуација на постојниот и подготовка на нов стратешки план на Клубот на пратенички за 2020 - 2022 година и тука сметаме дека има потреба од поддршка од меѓународните организации - рече Ристова.

Воедно, изрази желба за конечно профункционирање на Секретаријатот за родови прашања, како и на Ресурсниот центар за родово буџетирање, во рамките на овој мандат.

Евроамбасадорот Гир посочи дека Клубот може да смета на поддршката на ЕУ за унапредување на родовите прашања, бидејќи тие се  фундаменаталните вредности на кои таа почива. Тој истакна дека одблизу ја следи работата на Собранието и го поздрави неодамнешното донесување на Законот против семејно насилство и насилство врз жените. 

Гир покажа интерес во однос на прашањата за поларизацијата меѓу позицијата и опозицијата, дали таа е присутна во Клубот и како успева да ја надмине, комуникацијата и интеракцијата со останатите собраниски комисии, интерпартиските групи за унапредување на правата на ЛГБТИ заедницата, лицата со попреченост, ромските прашања, соработката со канецеларијата на Народниот правобранител, како и со граѓанските организации.

На крајот од средбата, соговорниците беа согласни дека борбата за унапредување на родовите прашања е присутна секаде во светот, дека ќе останат во близок контакт, а ЕУ ќе помогне секаде каде за тоа има потреба.