Активности

Вторник, 28 септември 2021

Средба на претседателот Џафери со Џаферовиќ                                             

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денешната средба со членот на претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ ја започна упатувајќи честитки по повод 28 Септември - Меѓународниот ден на бошњаците, на присутните гости и на сите припадници на бошњачката заедница во земјава.

Посакувајќи им успешна работна посета на соговорниците, Претседателот Џафери констатираше дека со Босна и Херцеговина сме две пријателски земји кои имаат одлични билатерални односи, без отворени прашања и изрази лично уверување дека и во наредниот период ќе се продолжи во истата насока на градење на взаемните односи. Тој искажа подготвеност за време на неговиот мандат да ја поттикнува и поддржува парламентарната соработка на двете земји на сите нивоа, и во таа насока ја реафирмираше неговата покана до неговите колеги, претседавачи на Претставничкиот дом и Домот на народите, да ја посетат Република Северна Македонија во првата можност.

Претседателот Џафери изрази задоволство од степенот на развој на правата на бошњачката заедница во земјава и значењето на развојот на тие права за сите припадници на немнозинските заедници. Во продолжение на разговорот, ја потенцираше важноста и значењето на досега потпишаните спогодби меѓу двете земји. Воедно, изрази поддршка за Босна и Херцеговина на нивниот евроинтеграциски пат. 

Членот на претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ, изрази лично задоволство од денешната посета на нашата земја, особено од можноста да биде повторно во Собранието на Република Северна Македонија после неговиот последен пат во 2004 година, и нагласи дека за него, парламентарната дипломатија игра многу значајна улога во односите меѓу државите затоа што отвора многу врати и гради многу пријателства. Тој потполно се согласи со Претседателот Џафери дека во наредниот период треба сите заедно да работиме уште посилно и да ја интензивираме соработката во сите области, како парламентарната така и економската соработка пред се. Г. Џаферовиќ нагласи дека, силата на аргументите треба да не води понатаму и лично е длабоко убеден дека времето на конфликти, војни и етнички чистења е завршено. Што се однесува до правата на бошњачката заедница овде во Република Северна Македонија, изрази задоволство од цивилизираниот и коректен пристап што како држава го негуваме кон заедниците кои живеат овде.

На крајот на средбата, двајцата соговорници се согласија дека меѓусебната комуникација и соработка, ќе продолжи како и досега, да се развива со несмален интензитет и во иднина.   

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.