Активности

Среда, 5 мај 2021

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО ЕВРОПРАТЕНИКОТ АНДРЕАС ШИДЕР

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со европратеникот Андреас Шидер, копретседавач на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и ЕУ и дел од тројцата европратеници задолжени за Дијалогот Жан Моне.

Претседателот Џафери изрази задоволство од можноста за средба со физичко присуство, со оглед на фактот што пандемијата оневозможи реализација на претходно предвидените активности, истовремено упатувајќи благодарност за неговиот досегашен придонес за унапредувањето на политичкиот дијалог во Собранието во рамките на Дијалогот Жан Моне. Ја поздрави и директорката на Канцеларијата на Фондацијата Фридрих Еберт во Република Северна Македонија, г-ѓа Ева Елерајт, за унапредување на демократските процеси во нашето општество и во процесот на пристапување на Република Северна Македонија во Европската унија. Тој ги информираше присутните за процесот на вакцинација, тековните собраниски активности со Европскиот парламент и за внатрешните консултации за Дијалогот Жан Моне меѓу претставниците на политичките партии застапени во Собранието. Притоа, ја поздрави и соработката со Европскиот парламент која и во време на пандемија се одржува со несмален интензитет, што претставува јасен сигнал за поддршката на европската перспектива на земјата. Претседателот Џафери ја поздрави последната Резолуција на Европскиот парламент за напредокот на земјата, истакнувајќи дека Собранието ќе продолжи да го одржува постигнатото и да се стреми да ги надмине прашањата за кои се потребни дополнителни реформи.

Европратеникот Шидер нагласи дека одржувањето на физички средби меѓу парламентарците е неопходно за парламентарната демократија и изрази надеж дека во втората половина на годината, состаноците ќе можат непречено да се одвиваат како и претходно. Тој ја поздрави дистрибуцијата на вакцини во рамките на Ковакс системот, со укажување дека истата требало да биде дел од првичниот пакет на Унијата. Во поглед на застојот во евроинтеграцискиот процес поради проблемот со Република Бугарија, г. Шидер посочи дека тоа е во спротивност со европскиот дух и дека не треба да претставува пречка за одржување на првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите на Република Северна Македонија за членство во ЕУ.

Двајцата соговорници беа согласни дека, циркулирањето на нон-пејпери во европските кругови, со изнесување на погрешни аргументи и концепти за прекројување на границите во регионот на Западен Балкан кој беше сведок на немири пред неколку децении, треба да наиде на остра осуда во јавноста и дека Европската унија мора веднаш да реагира и да понуди конкретни патокази за земјите од Западен Балкан и нивната европска интеграција.

Click