Активности

Петок, 30 јули 2021

Средба на претседателот Џафери со г-ѓа Грвала Шварц                                           

На денешната средба на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, со вториот заменик-премиер и министер за надворешни работи на Република Косово, г-ѓа Доника Грвала Шварц, беа разменети повеќе мислења и ставови чиј што главен фокус се однесуваше на воспоставување и интензивирање на меѓусебните политички и економски односи меѓу двете земји.

Претседателот Џафери изрази задоволство од развојот на досегашните билатерални односи со Република Косово, кои пред сѐ се карактеризираат со меѓусебна поддршка и почитување, посебно ја нагласи досегашната взаемна парламентарна соработка, особено на мултилатерален план и искажа уверување дека, во наредниот период, уште посилно ќе се работи во насока на зајакнувањето на економската и трговскате соработка меѓу двете страни.

Исто така, Претседателот Џафери ја информираше министерката Шварц за досегашните напори од наша страна за надминување на прашањето со Република Бугарија во насока на отпочнувањето на пристапните преговори со Европската унија и подвлече дека идентитетските прашања не треба да бидат пречка за понатамошниот напредок на нашиот евроинтеграциски пат и истакна дека се надева во што најкраток можен временски период и Република Северна Македонија и Република Албанија да ги започнат преговорите со ЕУ.

Министерката за надворешни работи и втор заменик-премиер на Република Косово, г-ѓа Грвала Шварц, изрази задоволство од оваа посета на Република Северна Македонија, особено на Скопје и истакна дека посетите на Скопје за неа се многу повеќе од само службени посети, односно, за Скопје ја врзуваат спомени врзани со нејзиното потесно семејство. Таа се согласи со Претседателот Џафери во однос на досегашните одлични пријателски односи меѓу двете соседни земји кои се многу повеќе од само соседни земји, кои немаат отворени прашања и имаат уште многу простор за продлабочување и интензивирање на политичката, економската и секаков вид на соработка на секое поле.

„Наша цел, рече министерката Шварц, ќе биде да им го олесниме и подобриме животот на нашите граѓани во повеќе сегменти, токму затоа треба да соработуваме интензивно како пријателски држави и во таа насока, очекувам во најскоро време да се одржи и заедничка владина седница меѓу Република Северна Македонија и Република Косово.“

На крај на средбата, двајцата соговорници се согласија дека меѓусебната комуникација и соработка меѓу двете земји ќе продолжи со зголемен интензитет. 

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.