Активности

Среда, 18 ноември 2020

Средба на претседателот Џафери со италијанскиот амбасадор Силвестри

Денес претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, го прими во прва официјална посета новоименуваниот амбасадор на Италијанската Република во Република Северна Македонија, Н.Е. Андреа Силвестри.

Претседателот Џафери, посакувајќи му топло добредојде на амбасадорот Силвестри, ја потенцираше како исклучителна досегашната соработка со претходниот амбасадор и со италијанската Амбасада, за што искажа надеж дека истата ќе продолжи со уште поголема динамика. Претседателот ги реафирмираше придобивките од одличните и пријателски билатерални односи меѓу двете држави, кои особено дојдоа до израз во несебичната италијанска поддршка на нашите евроатлански интеграции, зачленувањето на Република Северна Македонија во НАТО, поддршката од премиерот Конте на процесот на проширување на Европската унија со земјите од Западен Балкан, а особено со Република Северна Македонија. Истакна дека взаемната поддршка е видлива и високо ценета и на мултилатерален план, во меѓународните организации и иницијативи, како и на планот на потесна меѓупарламентарна соработка на ниво на Пратеничките групи за соработка, која на обостран интерес, ќе продолжи веднаш штом тоа го дозволат здравствените услови поврзани со КОВИД-19 пандемијата. Претседателот Џафери ја оцени како исклучителна соработката во рамките на НАТО преку мисиите во Либан, Косово и SEEBRIG, како и во рамките на ПС на НАТО преку нашите постојани делегации. Изрази надеж во натамошна соработка на планот на европската интеграција на Република Северна Македонија, особено во пресрет на декемврискиот Самит на Унијата.

Воедно, претседателот Џафери го информираше амбасадорот за актуелните активности во Собранието, како и за неговата инцијатива за разгледувањето на можностите за работа на Собранието на далечина на дел од пратениците кои од здравствени причини не се во можност да обезбедат физичко присуство на седниците.

Амбасадорот Силвестри се заблагодари на топлиот прием во домот на демократијата и истакна дека, односите меѓу Италија и Република Северна Македонија не само што децениски и историски се секогаш силни и пријателски, туку се односи кои рефлектираат заеднички историски, географски и културни идентитети. Ја посочи натамошната поддршка на европскиот пат на земјата, за која и власта и опозицијата во Италија имаат консензус дека вистинското и заслужено место на Република Северна Македонија е во семејството на европските народи и држави. Укажа дека особено високо се цени плодната соработка на планот на одбраната и во заедничките мисии на НАТО, соработка која и понатаму ќе се збогатува и одржува. И амбасадорот се согласи за значењето на меѓупарламентарната соработка и го пренесе интересот на италијанскиот Парламент за продолжување на започнатите активности меѓу Групите за соработка на двата парламента и за иницирање на поблиска соработка меѓу Комисиите за надворешна политика.

Соговорниците искажаа уверувања за натамошна соработка, взаемна поддршка на мутилатерален план, јакнење на меѓупарламентарните врски и на повеќе нивоа, а беше констатирана и заложбата за натамошен развој на економската соработка.



Click