Активности

Среда, 7 октомври 2020

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО КОМЕСАРОТ ОЛИВЕР ВАРХЕЛИ

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со Комесарот за соседство и проширување на ЕУ Оливер Вархели, во рамките на неговата работна посета на земјата. 

Претседателот Џафери изрази задоволство од повторната средба оваа година со комесарот Вархели и особена благодарност за добрите вести кои доаѓаат од Брисел оваа година, за напредокот на Република Северна Македонија во процесот на евроинтеграции. Тој истакна дека Собранието ги исполни своите обврски во рамките на реформскиот процес во претходниот мандат и изрази надеж дека активностите, во соработка со опозицијата, ќе продолжат со несмалено темпо како и досега.

Претседателот Џафери изрази благодарност за континураната повеќедецениска поддршка на Европската комисија, Европскиот парламент и европските институции. Нашите напори кои до крајот на годината треба да се формализираат со влегување во новото поглавје од пристапниот процес - отпочнување на преговорите за членство во Унијата и организирање на првата меѓувладина конференција во рамките на германското претседателство со Советот на ЕУ, констатираше Џафери.

Комесарот Вархели срдечно се заблагодари за можноста да говори пред пратениците во Собранието, кое го оцени како привилегија на директно обраќање кон граѓаните на Република Северна Македонија. Според него, покрај Извештајот за напредокот и Стратегијата за проширување, во фокусот на Комисијата е предложениот економски план за регионот, што е особено значаен за натамошен развој на секоја земја поденинечно, но и посредно на Унијата во целост.

Економскиот план има за цел пред сè целосно да го промени и подобри животот на граѓаните во регионот на Западен Балкан, со акцент на инфраструктурата, дигитализацијата како алатка за унапредување на економскиот развој, привлекувањето на инвестиции, отворањето на нови работни места, особено за младите. Овој пакет доаѓа со предуслови кои секоја земја аспирант ќе мора да ги прифати и спроведе и во таа насока, улогата на Собранието во тој процес е од исклучително значење во донесувањето на одлуките во соодветно време и со соодветна содржина, заклучи Комесарот Вархели. 

FLICKR

YOUTUBE