Активности

Петок, 25 февруари 2022

Средба на претседателот Џафери со министерот Селаковиќ

На денешната средба со министерот за надворешни работи на Република Србија, Никола Селаковиќ, Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, ја потенцираше засилената динамика на билатералните односи на највисоко ниво меѓу двете страни и изрази надеж дека овој квалитет и континуитет на оваа комуникација и соработка ќе продолжи и понатаму.

Тој го истакна значењето на регионалната иницијатива ,,Отворен Балкан“, како можност за регионално поврзување и соработка на земјите од Западен Балкан, а воедно и како порака до нашите европски пријатели во Брисел дека земјите од регионот полека изразуваат спремност кон прифаќање на европските вредности и интеграции, принципите на соработка и помирување меѓу себе. Во таа насока на регионална соработка, Претседателот Џафери го потенцираше значењето на трговската и економската соработка со Република Србија која воедно претставува и наш трет по големина трговски партнер.

Претседателот Џафери, во продолжение на разговорот, изрази надеж дека во периодот што следи, ќе се постигне конечно решение во однос на спорот со Република Бугарија и одобрувањето на нашата преговарачка рамка со ЕУ.

Министерот за надворешни работи на Република Србија, Никола Селаковиќ, изрази задоволство и чест од оваа посета на Собранието на Република Северна Македонија при што ја нагласи досегашната интензивна соработка со неговиот колега, министерот Османи, и изрази надеж дека оваа комуникација ќе продолжи и во наредниот период. Тој го потврди фактот дека меѓусебните односи се на високо ниво, а го потенцираше и значењето на парламентарната соработка. Истакна дека  економската и културна соработка е исто така на едно солидно ниво и во таа насока, ја пофали потпишаната взаемна спогодба за отворање на културни центри во двете земји. Министерот Селаковиќ изрази поддршка за нашиот евроинтеграциски пат и воедно поддршка за нашето успешно идно претседавање со ОБСЕ наредната 2023 година.

На крајот на средбата двајцата соговорници се согласија дека интензивната политичка соработка и во наредниот период ќе продолжи на секое поле.    

Click