Активности

Понеделник, 19 јули 2021

Средба на претседателот Џафери со Н.Е. Дан Орјан

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска го прими во проштална посета амбасадорот на Државата Израел во Република Северна Македонија, Н.Е. Дан Орјан, во придружба на почесниот конзул на Израел во Скопје, г. Градимир Шумковски.

На почетокот на средбата, амбасадорот го истакна задоволството од постигнатиот напредок во билатералните односи, широкиот спектар на средби остварени меѓу институциите, воспоставената соработка и значајните проекти кои се во тек и за севкупниот потенцијал на соработката меѓу двете пријателски држави, Република Северна Македонија и Државата Израел. Информираше за очекувањата на Претседателот на Кнесетот за продлабочување на соработката меѓу двата парламента и особено меѓу парламентарните групи за соработка. Се заблагодари за сесрдниот ангажман на Претседателот Џафери во афирмацијата на споменот за Холокаустот, како и за поддршката и учеството на сите настани кои се организираа во земјава, а кои имаа за цел да ја подигнат општествената свест за овие прашања. 

Претседателот Џафери, изрази задоволство од средбата и ја потенцираше отвореноста и подготвеноста на Собранието на Република Северна Македонија за парламентарна соработка во сите аспекти и нивоа, бидејќи парламентарната дипломатија многупати досега покажа дека е без стеги и формални ограничувања, со што го трасира патот на полесното воспоставување на меѓусебна комуникација. Истакна дека, Република Северна Македонија, преку отворањето на Меморијалниот центар на Холокаустот во Скопје, ја покажа и потврди својата безрезервна почит кон жртвите од тој терор кој не смее да се заборави.

Во контекст на меѓудржавните односи на овој план, заеднички беше изразена благодарност за работата на Институтот за духовно наследство на Албанците односно, Одделот за антисемитизам и прашања на Холокаустот, кој преку својата научна работа креира јасна визија за значењето и сензитивноста на овие историски феномени кои не смеат да бидат заборавени и маргинализирани.

Во однос на геополитиката и нашите стратешки определби како држава, Претседателот Џафери укажа на членството во НАТО Алијансата на рамноправна основа со останатите 29 сојузници, како и очекувањата за подигнување на нивото на односите со ЕУ со почетокот на преговорите до крајот на оваа година.

Соговорниците споделија взаемни уверувања за натамошна конструктивна и интензивна соработка, особено во доменот на економската дипломатија, воено - одбранбениот сектор, високата технологија и иновациите, туризмот и културата. 

Претседателот Џафери, врачувајќи му на амбасадорот Орјан Признание за соработката, му посака натамошен успех и среќа на личен и професионален план, со уверување дека разновидната, богата и плодна соработка меѓу Република Северна Македонија и Државата Израел ќе биде вреднувана и унапредувана и од страна на идниот Амбасадор.

Click