Активности

Вторник, 6 октомври 2020

Средба на претседателот Џафери со Н.Е. Хасан Мехмет Секизќок

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба амбасадорот на Република  Турција, Н.Е. Хасан Мехмет Секизќок. На средбата беше изразено заемно задоволство од одличните билатерални односи и успешната соработка меѓу двете земји, во духот на традиционалното пријателство и партнерство.

Претседателот Џафери се осврна на плодната соработка меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Големото национално собрание на Турција, како на билатерално, така и на мултилатерално ниво, во рамките на меѓународните парламентарни собранија. Тој го подвлече значењето на Процесот на соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), со кој во моментов претседава Република Турција, како и улогата на Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, во кое активно учествуваат парламентите на двете земји.

Џафери изрази  благодарност за севкупната поддршка на Република Турција за Република Северна Македонија, а особено за солидарноста во борбата со пандемијата со КОВИД-19, односно донациите на медицинска опрема и средства за подобрување на хигиенските и безбедносни услови во училиштата.

Амбасадорот на Република Турција Хасан Мехмет Секизќок оцени дека пријателските односи меѓу двете земји и заедничките заложби за унапредување на економската соработка ќе придонесат за интензивирање и продлабочување на трговската размена и инвестициите. Тој нагласи дека Турција  ја смета Северна Македонија за значаен партнер и во иднина ќе продолжи со својата поддршка за земјата, во сите области од интерес на граѓаните.

На средбата стана збор и за долгогодишната соработка во полето на одбраната, при што беше подвлечено дека со членство на Република Северна Македонија во НАТО се отвара простор за натамошно унапредување на партнерството и поддршката во рамките на Алијансата.

Соговорниците разменија мислења за актуелните случувања во регионот и пошироко и се согласија дека отворените прашања треба да се решаваат со дијалог и дипломатија.

Истовремено, беше изразена подготвеност за продолжување на активната и отворена соработка, во насока на натамошно унапредување на севкупните билатерални односи и пријателство меѓу двете земји.