Активности

Петок, 9 октомври 2020

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО Н.Е. ВИОРЕЛ СТАНИЛА

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари проштална средба со амбасадорот на Романија, Н.Е. Виорел Станила.

Претседателот Џафери се заблагодари за досегашната соработка со Амбасадата на Романија во Република Северна Македонија и лично на амбасадорот Станила за неговиот придонес во евроатланскиот пат на земјата. Тој изрази задоволство и истакна дека заложбата и личната посветеност на амбасадорот како претставник на Амбасадата, придонесе во голема мера во унапредувањето на односите меѓу двете земји и взаемната поддршка на билатерален и мултилатерален план. Претседателот Џафери подвлече дека и во иднина ќе ги охрабрува двете земји да продолжат со работата со ист интензитет на билатерален план и на ниво на Групите за соработка во двата законодавни дома.

Амбасадорот Станила се заблагодари за честа и за можноста за оваа негова проштална средба во својство на амбасадор на Романија во Република Северна Македонија. Тој ги  поздрави историските моменти,  напредокот со членството во НАТО и охрабрувачките резултати за почеток на преговорите со Европската Унија. Тој особено нагласи дека неговата мисија во Република Северна Македонија ќе ја памти како период во кој се донесувале многу клучни и важни одлуки за земјата. Меѓупарламентарната соработка ја оцени како многу плодна и изрази пофални зборови за претседателот Џафери и неговото успешно водење на Собранието во претходниот и се разбира, во овој мандат.

Амбасадорот Станила му честиташе на претседателот Џафери за спроведувањето на европската агенда, водењето на политичкиот дијалог со сите парламентарни партии и неговата улога на претседател на сите пратеници во Собранието. Воедно, ја потврди и понатамошната силна поддршка на Романија за Република Северна Македонија на нејзиниот евроинтеграциски пат.

На крајот на средбата, претседателот Џафери му подари на амбасадорот Станила Признание за неговиот досегашен ангажман и му посака успех во неговите идни професионални предизвици.  

Click