Активности

Среда, 14 октомври 2020

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО ПРАТЕНИЦИТЕ БАЛА И ШТЕРЈОСКИ

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска имаше средба со мешана делегација од Република Албанија, во чиј состав покрај актуелните пратеници во албанскиот парламент Таулант Бала и Васил Штерјоски, беа и градоначалникот на Општина Прењас, Нури Белба и деловниот човек Ѓерѓ Луца.

Разговорот се одвиваше во насока на взаемно споделување на искуствата од работата на двата законодавни дома и за начинот на прилагодување на работа на истите во ова време на пандемија, кога здравствените ризици наложуваат менување на воспоставениот начин и одржување на нормалното функционирање, со цел да не трпат последици ниту државата, ниту граѓаните.

Пратеникот Бала, кој што ја предводи делегацијата, ја образложи целта на мешаниот состав при што истакна дека, иако политичките односи и соработката меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија се на одлично ниво, без отворени прашања и на сите нивоа, сепак, обемот на албански инвестиции во Северна Македонија е мал и токму затоа е со него градоначалникот на Општина Прењас, чии што жители активно работат во нашата земја, и бизнисменот Луца, кој што е отворен за нови соработки.

Претседателот Џафери потврди дека токму тоа е и улогата на политиката, да создаде услови за непречено движење на луѓето, стоките и капиталот, за крајно да имаат подобар живот граѓаните на двете земји.

Соговорниците споделија и размислувања и надежи во насока на непречено одржување на меѓувладините конференции на Европската комисија со Република Северна Македонија и Република Албанија, при што е суштинско да се искористи моментумот за време на актуелното германското претседателство, со што и официјално ќе се означи почетокот на преговорите за полноправно членство во Европската Унија.  

Click