Активности

Понеделник, 10 мај 2021 година

Средба на претседателот Џафери со претседателката на Грузија, Зурабишвили 

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска, имаше работен ручек со претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили, на којшто ѝ посака на грузиската претседателка пријатен престој во Република Северна Македонија, со надеж дека конечно по воспоставувањето на дипломатските односи со Грузија во 2019 година, ќе почнеме еден период на поинтензивна комуникација и политичка соработка на високо ниво.

Впрочем, и самата посета на претседателката на Грузија претставува почеток на висока соработка и можност за унапредување и интензивирање на билатералната комуникација на секое поле. Во тој контекст, претседателот Џафери изрази задоволство за тоа што во Парламентот на Грузија е формирана тричлена парламентарна група за соработка со нашето Собрание и на тоа возврати дека до крајот на овој месец, и во Собранието на Република Северна Македонија ќе се формира Парламентарна група за соработка со Парламентот на Грузија. 

Тој го поздрави и денешното потпишување на „Спогодбата меѓу Република Северна Македонија и Грузија за укинување на визите“ и Меморандумот за соработка во областа на културата меѓу двете министерства за култура со зборовите „Ме радува потпишувањето на овие Спогодби, тоа ќе биде убава можност за подобра комуникација и соработка меѓу двете земји.“

Претседателката на Грузија, Н.Е. Саломе Зурабишвили изрази задоволство од топлиот и пријателски прием во нашата земја и се заблагодари на можноста за средба со претседателот на Собранието, Џафери. Таа се осврна на важноста на потпишаните меѓусебни спогодби со нејзиниот домаќин, претседателот Пендаровски за двете земји, и истакна дека, очекува во наредниот период интензивирање и продлабочување на политичката и економската соработка меѓу Северна Македонија и Грузија на секое поле.


Click