Активности

Петок, 24 септември 2021 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО УНГАРСКИОТ КОЛЕГА КОВЕР

На маргините на Десеттиот состанок на претседатели на парламенти на земјите од Југоисточна Европа посветен на проширувањето, кој се одржува во Будимпешта, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија оствари средба си неговиот колега од Собранието на Унгарија, г. Ласло Ковер.

Одржување на овој Состанок, претседателот Џафери го оцени како исклучително значаен за земјите од Југоисточна Европа, со оглед на неговиот континуитет и политичката поддршка со донесувањето на завршен документ, со кој се испраќа силна порака за ставот на земјите од Вишеградската група за членството на земјите од нашиот регион во Европската унија. Тој го информираше претседателот Ковер за активностите на Република Северна Македонија по стапувањето во членство во НАТО, како и за актуелниот статус на евроинтегративниот процес, особено во поглед на односите со Република Бугарија. Во таа прилика, се заблагодари за поддршката која Унгарија ја пружа на планот на справувањето со мигрантите на јужната граница, штитејќи ја на тој начин индиректно надворешната граница на Европската унија. Претседателот Џафери, во знак на добрата билатерална соработка, ја искористи приликата и му упати усна покана за посета на нашата земја.

Претседателот Ковер, срдечно прифаќајќи ја поканата, искажа благодарност за нашето континуирано присуство и учество на овие состаноци и отворено посочи на поддршката од Унгарија за нашите евроинтеграции, за кои сметаше дека земјата одамна требаше да е многу понапред и дека Европската унија требаше да спречи одредени чекори, кои придонесоа за стагнирање во овој процес. За него од особено значење е вклучувањето на земјите од регионот во Конференцијата за иднината на Европа, со оглед на фактот што во моментов постојат големи разлики меѓу европската левица и десница за идното функционирање на Унијата и од тие причини, гласот на земјите од регионот на Југоисточна Европа би можел да помогне во зближување на сегашните различни ставови.

На средбата беа констатирани одличните билатерални односи на највисоко ниво и заедничките иницијативи за унапредување на соработката во повеќе области, како во делот на економијата, особено имајќи го предвид фактот што трговската размена бележи раст за 38% во последните две години, но и во доменот на науката, образованието, одбраната и други области од заемен интерес.



Click