Активности

Среда, 8 септември 2021 година

Средби на претседателот Џафери со домаќинот Соботка и колегата Звиздиќ  

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со Волфганг Соботка, претседател на Австрискиот национален совет, на маргините на Петтата светска конференција на претседатели на парламенти, што се одржува во Виена, во заедничка организација на Интерпарламентарната унија (ИПУ) и Австрискиот парламент. Џафери му се заблагодари на Соботка за топлото гостопримство и одличната организација на првиот масовен меѓу-парламентарен настан од почетокот на пандемијата, кој што се одржува со физичко присуство на учесниците, со сеопфатни здравствени мерки и протоколи.

На средбата, Џафери му врачи благодарница на својот колега, претседателот Соботка, за несебичноста и пожртвуваноста на австриските пожарникари, кои беа рамо до рамо со нас за време на битката против пожарите што ја зафатија нашата земја. Воедно, тој упати срдечна благодарност до Република Австрија и австрискиот народ за пријателството и соработката, како и силната поддршка во нашите напори за членство во Европската Унија.

 

Претседателите на двата парламенти изразија подготвеност за натамошно унапредување на меѓусебната соработка, со цел за продлабочување на пријателските односи меѓу Република Северна Македонија и Република Австрија.

Претседателот Талат Џафери оствари кратка средба и со Денис Звиздиќ, претседател на Претставничкиот дом на Парламентот на Босна и Херцеговина. Соговорниците разменија мислења за тековните состојби во двете земји и во регионот, како и можностите за продлабочување на соработката меѓу парламентите.


 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.