Активности

Петок, 5 ноември 2021

Учество на Есенската сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ

Пратениците Моника Зајкова и Халил Снопче, членови на Делегација на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ) учествуваа на 19. Есенска сесија на ПС на ОБСЕ, што се одржа на 3 и 4 ноември 2021 година, во виртуелен формат. Во рамките на сесијата беа одржани седница на Постојаниот комитет, Медитерански форум и Парламентарна конфереренција на тема: „Тековните безбедносни предизвици: Фокус на Авганистан“.

На седницата на Постојаниот комитет на ПС на ОБСЕ, извештаи поднесоа претседателката на ПС на ОБСЕ Маргарета Седерфелт, благајникот Петер Јуел-Јенсен и генералниот секретар Роберто Монтела, по што следеше дискусија за активностите на Парламентарното собрание и актуелните политички прашања. Пратениците во своите дискусии изразија загриженост во врска со тековните конфликти во областа на ОБСЕ, климатската криза и миграцијата и се заложија за поизразен парламентарен ангажман на овој план.

На Медитеранскиот форум пред пратениците се обрати Адам Халачински, претседавачот на Групата на медитерански партнери за соработка на ОБСЕ, кој информираше за активностите и претстојните иницијативи на ОБСЕ со медитеранските партнери, како што е унапредувањето на регионалната соработка во борбата против транснационалниот организиран криминал. Свои обраќања имаа и пратениците од Медитеранските земји – партнери.

Во дебатата на Медитеранскиот форум, парламентарците изразија загриженост за прашања како што се климатските промени, даночното затајување и борбата против пандемијата, која го прошири јазот во развојот меѓу северот и југот. Беше ставен акцент и на миграцијата, која преставува предизвик за цела Европа, а не само за медитеранските земји.

На Парламентарна конференција „Тековните безбедносни предизвици: Фокус на Авганистан“ воведни обраќања имаа: Маргарета Седерфелт, претседателката на ПС на ОБСЕ, амбасадорката Туула Ирјула, директорка на Центарот за спречување конфликти на ОБСЕ и претседавачите на трите комисии на ПС на ОБСЕ: Ричард Хадсон, Пере Жуан Понс и Серен Моборњ.

Во дебатата учествуваа повеќе од 30 парламентарци, кои се осрвнаа на влошената состојба во Авганистан и нејзините импликации за регионот на ОБСЕ. Во своите дискусии, парламентарците изразија загриженост за состојбата со човековите права во Авганистан, а особено заканите за пратеничките, и општо за жените, девојките и ЛГБТ+ заедницата. Стана збор и за опасноста од радикализација и нејзините последици. Беше посочено дека брзината со која падна авганистанската влада е зачудувачка, а како еден од главните фактори за брзиот колапс беше идентификувана корупцијата, што треба да се сфати како безбедносно прашање. Ова, според учесниците во дебатата, ја нагласува потребата од удвојување на напорите за развој на владеењето на правото во целата област на ОБСЕ.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите на ОБСЕ во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите права и животната средина.

Click