Активности

Вторник, 30 ноември 2021

Учество на пратеничката Славјанка Петровска на КОСАК конференција

Членот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Северна Македонија, Славјанка Петровска, денеска учествуваше на виртуелната Конференција за европски прашања на земјите ЕУ членки-КОСАК, што се оддржува  во Љубљана, во рамките на Словенечкото претседателство со ЕУ.

Петровска имаше воведно обраќање во Втората сесија на тема: „Да се работи за  европската перспектива на Западен Балкан“, при што се осврна  на актуелните случувања  во  нашата држава во однос на евроинтегративната перспектива, во рамките на   процесот на проширување на ЕУ  со земјите од ЗБ.Во тој контекст, посебно  ја истакна потребата за  што поскоро отворање на  преговорите со нашата земја и Албанија, со цел да остане европскиот курс во двете земји, како и реформскиот моментум кој е важен за спроведување на европските реформи, согласно новата методологија.

Посебно се осврна на можните негативни импликации во земјата, доколку продолжи состојбата со незапочнување на преговорите по кластери, од аспект  на отворање на поголем простор за развој на евроскептицизмот. Истакна дека земјата е подготвена за усвојување на Преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција, која ќе биде награда за нашите досегашни напори во областа на спроведувањето на реформските задачи. За добрососедските односи, посебно со соседна Бугарија, истакна дека Северна Македонија прифати дека тие се  дел од  европските вредности, но, нагласи дека тоа е  двосмерен процес, во кој двете страни теба да направат исчекор напред.

Во расправата по ова значајно прашање, беше истакнато дека не е спорна стратешката важност на земјите од ЗБ и дека политиката на проширувањето со земјите од регионот е во средиштето на европската политика, но дека земјите мора да ги постигнат европските стандарди на ЕУ.

На Конференцијата свое обраќање имаше Гашпер Довжан, државен секретар во словенечкото МНР, кој се осврна на реализацијата на шестмесечните приоритети на Словенечкото претседавање со ЕУ. Притоа, истакна дека Словенија посветено работеше на реализирање на овие приоритети во однос на постигнувањето на одржлив развој на европската економија, вклучително и со предизвиците на пандемијата, потоа на сајбер безбедноста, економското закрепнување, зелената транзиција и дигиталната трансформација, како и за важноста на Конференцијата за иднината на Европа, на која ќе се посвети значајно внимание на  стратешката важност на ЗБ и неговото придвижување кон ЕУ.

Click