Активности

Понеделник, 30 ноември 2020

Учество на пратеникот Арбер Адеми на КОСАК конференција

Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Северна Македонија, Арбер Адеми, учествуваше на дводневната виртуелна Конференцијата на комисиите за европски прашања на земјите ЕУ членки-КОСАК, што се оддржа во Берлин, во рамките на Германското претседателство со ЕУ.

На Конференцијата, на која учествуваа делегации на Комисиите за европски прашања на земјите членки и на земјите кандидати за ЕУ членство, свое обраќање имаше германската канцеларка Ангела Меркел, која  направи осврт на  реализацијата на  зацртаните приоритети на Германското шестмесечно ЕУ претседателество, што започна на 1 јуни, а завршува на крајот на годинава.

Канцеларката Меркел, говорејќи за поважните приоритети, се осврна и на проширувањето со земјите од Западен Балкан, при што посочи дека Германија беше посветена на отворањето на преговорите со ЕУ за Северна Македонија  и Албанија. Во тој контекст, истакна дека за Северна Македонија во фокусот треба да биде изнаоѓање на решение за надминување на  билатералниот спор со соседна Бугарија.   

Осврнувајќи се на другите приоритети, пред сѐ, се задржа на состојбата со Ковид пандемијата во Европа, и, во тие рамки, вакцинацијата, но и на потребата за усвојување на финасискиот пакет, со кој, меѓу другото, се предвидуваат и мерки за  надминување  на економските последици  од пандемијата. Исто така, како едно од поважните прашања за ЕУ ги посочи и прашањата поврзани со климатските промени, имиграцијата и Брегзитот.

На крајот, Меркел се осврна на важноста за поголема демократија во ЕУ и за владеењето на правото, и во тие рамки за инклузивен дијалог во рамките на Конференцијата за иднината на Европа.

Click