Активности

Четврток, 15 април 2021

Учество на пратеникот Павле Трајанов на седница на Комисијата за правда, внатрешни работи и безбедносна соработка на ПС на ПСЈИЕ

Пратеникот Павле Трајанов, член на Делегацијата на Собранието на Северна Република Македонија во Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПС на ПСЈИЕ), учествуваше на седницата на Комисијата за правда, внатрешни работи и безбедносна соработка на ПС на ПСЈИЕ, што се одржа денеска во виртуелен формат, во организација на Големото турско национално собрание.

На Седницата се водеше дискусија на тема: „Судската ефикасност за време на пандемија: нови услуги и практики“. Пред членовите на Комисијата се обрати Јакуп Могул, заменик-министер за правда на Република Турција, кој информираше за состојбата во земјата на овој план.

Во дебатата, пратениците ја нагласија потребата за продолжување на заедничките активности и зајакнување на соработката и координацијата меѓу земјите учеснички во ПСЈИЕ во сите области, вклучително и правдата, споделување на решенијата и добрите практики формулирани за време на пандемијата и промовирање на знаење и искуство, особено во врска со  дигитализацијата на правосудниот систем.

Пратеникот Павле Трајанов, во своето обраќање, подвлече дека во Република Северна Македонија во тек се сериозни и длабоки реформи, со кои се очекува да се изгради кредибилен судски систем, да се елиминира политичкото влијание и да се прилагоди работата на судовите и обвинителствата во услови на пандемија. Преземени се конкретни чекори за онлајн работа на судовите, особено за итните судски предмети, но овој процес бара информатички проекти, дигитализација, модерна технологија, како и обука на сите учесници во судските постапки.

Истовремено, Трајанов се заложи за продлабочување на меѓународната соработка и споделување на стручните искуства за разрешување на отворените прашања, особено оние поврзани со потврда на идентитетот на учесниците, заштита на податоците, но и обезбедување на транспарентност на судските постапки, како битен коректор за владеењето на правото.

Членовите на Комисијата ги разгледаа и утврдија Предлог-извештајот и Предлог-резолуцијата на оваа тема, што се очекува да бидат усвоени на претстојното годишно заседание на ПС на ПСЈИЕ, што ќе се одржи во јуни 2021 година во рамките на Турското претседавање со ПСЈИЕ.

Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, во кое членуваат парламентите на земјите на Југоисточна Европа: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Северна Македонија, Молдавија, Романија, Словенија, Србија, Турција, Хрватска и Црна Гора, своите цели и задачи ги базира на принципите на регионална сопственост и европска интеграција. Парламентарното собрание игра значајна улога во промовирањето на парламентарното учество и олеснувањето на интерпарламентарниот дијалог и соработка во регионот, како и во поттикнувањето на процесот на интеграција во Европската Унија. 

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.