Активности

Вторник, 7 септември 2021

УЧЕСТВО НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ НА РАБОТИЛНИЦАТА ЗА ДЕМОКРАТИЈА

Во рамките на Петтата светска конференција на претседатели на парламенти, што се одржува во Виена, Австрија, Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска учествуваше на Работилницата за демократија на Австрискиот парламент. 

На Работилницата учествуваа австриски ученици од билингвални училишта, на возраст од 13 до 15 години. Претседателот Џафери одговараше на прашања од младите учесници, кои се интересираа за неговото мислење за значењето на демократијата и парламентаризмот, предностите и слабостите на демократијата, вклученоста на младите во политиката и слично.

Претседателот Џафери нагласи дека демократијата претставува  владеење на граѓаните и владеење на правото, што им дава слобода на индивидуите да мислат, да се изразуваат и да делуваат. Демократијата, исто така, преставува способност да се слушне различното мислење на другиот. 

Работилниците за демократија успешно функционираат во Австрискиот парламент од 2007 година, со цел за стимулирање на интересот за политика и за демократските процеси кај децата и младите луѓе. Преку овие работилници, на децата и младите им се дава можност директно да се запознаат со улогата на Парламентот, парламентарните процеси и секојдневната работа на пратениците. Со учеството во работилниците, кај децата и младите се поттикнува свеста за демократијата, се охрабрува нивното политичко критичко размислување, вклученост и изразување на сопственото мислење, а се подобрува и медиумската писменост.

Во март 2020 година претседателите на двата парламенти, Џафери и Соботка, потпишаа Писмо за намери за основање на работилници за демократија во Собранието на Република Северна Македонија, по примерот на оние кои функционираат во Австрискиот парламент.

Click