Активности

Понеделник, 12 јули 2021

Видео-средба на претседателите на Пратеничките групи за соработка меѓу Северна Македонија и Австрија

Претседателот на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Австрија, Арбер Адеми, оствари видео-средба со претседателката на Групата за соработка меѓу Австрија и Северна Македонија во Националниот совет на Република Австрија, Стефани Криспер. Оваа средба, на барање на австриската страна, е втора по средбата со членовите на двете Групи за соработка која се одржа во март оваа година.

На средбата соговорниците разменија информации за актуелните случувања во двата законодавни дома, како и за моменталната состојба со пандемијата и одвивањето на процесот на вакцинација.

Во однос на европерспективата, претседателот на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Австрија, Адеми истакна дека иако за нас беше разочарувачки што на јунскиот самит на ЕУ повторно не беше донесена одлука за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ, Република Северна Македонија продолжува да работи на реформаската агенда.

Адеми информираше дека и од неодамна одржаниот „Преспа форум за дијалог“ на кој учествуваа многу високи гости од меѓународната заедница и од регионот, како и преставници на ЕУ и на САД, земјата доби едногласна и недвосмислена поддршка за почеток на преговорите. Тој изрази надеж дека по формирањето на политичка влада со целосни овластувања во Бугарија ќе се воспостави дијалог за постигнување на решение. 

Претстедателката на Групата за соработка, Криспер, истакна дека Република Австрија ќе продолжи да работи на обезбедувањето на европска перспектива за земјите од регионот и ќе се залага за отклучување и забрзување на европската перспектива на нашата земја. Во таа насока, таа понуди соработка во форма на заеднички проекти кои би се договориле по летните одмори.

Оценувајќи ги билатералните односи како одлични, двајцата соговорници изразија надеж дека околностите во блиска иднина ќе дозволат и средби со физичко присуство, што би придонело за продлабочување на меѓусебната соработка. 

Click