Активности

Петок, 29 јануари 2021

Заеднички потенцијали и проекти со Албанија за промоција и развој на двете земји

Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Република Албанија оствари средба со албанскиот амбасадор Фатос Река.

Претседателот на Групата, Изет Меџити, се заблагодари на посетата и ги претстави членовите на истата. Тој истакна дека и покрај пандемијата, која ги поремети сите процеси, сепак останува заинтересираноста за продлабочување на одличната соработка со Албанија. „Албанците се мост за поврзување меѓу двете земји“ - рече Меџити.

Амбасадорот Река информира дека албанската пратеничка група за соработка со нашата земја ќе се формира по априлските избори, што ќе биде можност за остварување на идни контакти и размена на искуства за евроинтеграциите, надворешната политика, економијата, финансиите, итн., како и во областа на Собранијата, имајќи предвид дека парламентарната дипломатија има многу значајна улога за добрососедските односи и функционирањето во сите области. Тој потсети дека Албанија како сосед и пријател, е една од првите земји која ја призна нашата независност и која беше активен поддржувач за членство во НАТО, каде сега заеднички придонесуваме кон мирот и безбедноста. Исто така, двете земји се кандидати за членство во Европската Унија. Во овој контекст, ја истакна важноста од спроведување на реформите, кои не само што ќе нѐ внесат во европското семејство, туку и ќе бидат во полза на сите граѓани. Станувајќи членки на ЕУ, Европа да ја донесеме тука - заклучи Река.

Во дискусијата се вклучија и членовите на Пратеничката група, пратениците Игор Здравковски, Љупчо Балкоски и Лидија Петкоска.

Притоа, беше истакнато дека со оглед на тоа што заедно чекориме кон ЕУ, сите проекти треба да ги правиме паралелно и да се надополнуваме онаму каде имаме слабости. Како заеднички проекти беа споменати Коридорот 8 и ИПА фондовите. Со оглед на географската блискост, потребни се иницијативи за заштита на Охридскиот и Преспанскиот регион. Во таа насока, да се искористат заедничките потенцијали - море, езеро, планини, во промоција на целогодишниот туризам.

На крајот, заедничка беше констатацијата дека оваа прва средба нема да биде последна, дека ќе се помагаат, соработуваат, посетуваат и ќе ја зајакнат соработката меѓу пратеничките групи, сѐ во интерес на граѓаните на двете земји.

Click