Активности



Четврток, 11 јуни 2009 година

Агенда на новиот Европарламент

Новоизбраниoт Европски Парламент ќе започне со работа на 14 јули, но веќе се познати точките коишто ќе се најдат на дневниот ред на европратениците. Најважната расправа за Република Македонија секако е присоединувањето на нови членки кон Европската унија, кон што тежнее нашата земја. Се очекува прашањето за визната либерализација за земјите кои ќе добијат препорака од Европската комисија да се најде пред европарламентарците наесен.

За да се избегнат финансиските кризи во иднина, Европарламентот ќе го разгледа предлогот за создавање на Европски надзорен орган за банките. Идејата е да се гарантира построга контрола и избегнување на ризичните договори.

Во областа на здравјето, Европарламентот ќе го разгледа предлогот за давање јасна информација за содржината на производите, односно количеството на сол, шеќер и маснотии во храната, како и за потеклото на производот. Менито во рестораните задолжително треба да содржи информации за сите алергиски состојки.

Комисијата за правата на жените во стариот парламент предложи продолжување на породилното отсуство на минимум 20 седмици (наместо 14) и 2 седмици на задолжително отсуство за татковците. Се очекува новиот парламентарен состав да се произнесе и по ова прашање.

Ќе бидат разгледани сите теми коишто се важни за еколошкиот пристап, но и за џебот на потрошувачите. Исто така ќе се разгледа и предлогот за олеснето лекување во други земји од Европската унија, како и пакетот закони за електронската комуникација.

Денешните резултати од европските избори не трпат промени во однос на вчера објавените. Европската народна партија (Демохристијани) и европските демократи сè уште имаат 35,9% од гласовите, односно 264 парламентарни места од вкупно 736.

Click