Активности



Вторник, 9 јуни 2009 година

Десницата останува водечка сила во Европарламентот

Најголема политичка група во Европскиот парламент и по изборите останува да биде десницата. Европската народна партија (Демохристијани) и европските демократи се апсолутни победници на евро-изборите со освоени 264 парламентарни места, односно 35,9% од гласовите.

Според последните објавени резултати, на второ место е Партијата на европските социјалисти, која со добиени 22% од гласовите ќе брои 162 членови во новиот состав, а трета е Партијата на европските либерали и демократи со 80 пратеници, односно 10,9% од гласовите.

Коалицијата на Зелените и Европската слободна алијанса бележи најголем подем според бројот на освоени места на евро-изборите, 9 повеќе од минатиот состав, односно 52 пратенички места. Партијата на Македонците во Грција, „Виножито“, е член на оваа коалиција и преку неа е застапена во Европскиот парламент.

35 пратеници ќе има Унијата за Европа на народите, која освои 4,8% од гласовите, Партијата на Обединета европската левица/Нордиска зелена левица со освоени 4,3% од гласовите ќе добие 32 места, а Партијата Независност/Демократија освои 2,4% од гласовите, односно 18 мандати.

93 пратеници (12,6%) сè уште не се дел од ниедна политичка група. Некои од нив можеби ќе се присоединат кон веќе постоечките партии, други веројатно ќе се обидат да формираат нови, а трети пак ќе останат независни.

Од јули годинава секоја партија мора да вклучува најмалку 25 члена на Парламентот од минимум седум земји-членки. Изминатиот состав на Европскиот парламент броеше 785 членови, а новиот ќе има 736. Крајниот резултат за изгледот на политичките групи во новиот парламент ќе се знае за време на првата пленарна сесија на 14 јули во Стразбур. Европратениците ќе го започнат петгодишниот мандат со избор на раководството на Парламентот. Друга важна тема на седницата ќе биде гласањето за нов претседател на Европската комисија. Досегашниот претседател Жозе Мануел Баросо веќе ја објави својата кандидатура за нов мандат.

Излезноста на овогодинешните избори забележа благ пад во однос на изборите во 2004 година, но ова е рекордно најмал процент на излезност од 1979 година па досега. Само 43,1% од европските граѓани го искористија своето право на глас. Очекувано, највисок процент на гласање имаше во земјите каде тоа е задолжително, односно Белгија (90,39%) и Луксембург (91%).

Наредните седмици новоизбраните европратеници ќе пристигнат во Брисел, за да ги преземат своите канцеларии, а на 29 јуни започнуваат две седмици подготовка на политичките групи за првото пленарно заседание на новиот Парламент.

Click