Активности



Петок, 12 јуни 2009 година

Дваесет и четврта седница на КомисијаТА за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Дваесет и четвртата седница, одржана на 10 јуни 2009 година, како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем, наменет за финансирање на мали и средни претпријатија и други приоритетни проекти, кој ќе се склучи меѓу Европската инвестициона банка и Македонската банка за поддршка на развојот, по скратена постапка. Комисијата исто така го разгледа и Извештајот за работата на Комисијата за хартии од вредност во 2008 година. 

Воведно образложение по поднесениот Предлог на закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем даде д-р Трајко Славески, министер за финансии. Тој истакна дека Проектот за финансирање на мали и средни претпријатија и други приоритетни проекти е мерка за моменталната економска и финансиска криза, со цел обезбедување на свеж капитал и ублажување на  последиците од кризата во реалниот сектор.

Средствата за реализација на овој проект изнесуваат 100 милиони евра. Заемопримач ќе биде Македонската банка за поддршка на развојот, а Република  Македонија ќе издаде државна гаранција.

Министерот истакна дека со средствата од овој заем ќе може да се рефинансираат инвестиции чиј рок на имплементација е минимум две години и истите се отпочнати најмногу шест месеци од поднесување на барањето за локација на средствата од ЕИБ.

Комисијата едногласно  заклучи дека не е исполнет условот за подготвување на Дополнет предлог на закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем, наменет за финансирање на мали и средни претпријатија и други приоритетни проекти, кој ќе се склучи меѓу Европската инвестициона банка и Македонската банка за поддршка на развојот.

Што се однесува на Извештајот за работата на Комисијата за хартии од вредност во 2008 година, д-р Владимир Филиповски, кој е член на оваа Комисија, образложи дека Комисијата за хартии од вредност е регулаторно тело со специфичен домен на овластување кое го регулира пазарот на хартии од вредност. Оваа Комисија има и функција на контрола  и надгледување на она што се случува на пазарот на хартии од вредност.

Секретарот на Комисијата за хартии од вредност, г-дин Мате Стојановски, ги презентираше активностите што ги презела Комисијата во пресрет на светската финансиска криза. Тој потенцираше дека Комисијата и во 2008 година акцентот го ставила на својата супервизорска активност со цел да се елиминира злоупотребата од одредени шпекуланти односно играчи на пазарот од хартии од вредност. Во 2008 година Комисијата аплицирала, а сега е и потписник на Мултилателарниот меморандум за размена на информации со IOSCO, Меѓународна организација на Комисиите за хартии од вредност, во којашто членуваат сите регулатори на пазарите на хартии од вредност.  

Комисијата едногласно заклучи да му предложи на Собранието да го усвои следниот Заклучок:

1.    Собранието на Република Македонија да го разгледа и усвои Извештајот за работата на Комисијата за хартии од вредност во 2008 година;

2.    Овој заклучок заедно со Извештајот на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија да се достави до Владата на Република Македонија, Министерството за финансии и Комисијата за хартии од вредност.

Click