Активности



Понеделник, 29 јуни 2009 година

Дваесет и шеста седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Дваесет и шестата седница, одржана на 26 јуни 2009 година, како матично работно тело ги разгледа Предлогот на закон за јавна внатрешна финансиска контрола (прво читање) и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за банките (прво читање).

Со донесувањето на Законот за јавна внатрешна финансиска контрола се обезбедува единствена правна рамка за зајакнување на капацитетите на финансиско управување и контрола и внатрешна ревизија во јавниот сектор во Република Mакедонија. Исто така, со овој закон се имплементираат препораките на Европската комисија од Извештајот за напредокот на Република Македонија од 2007 година за Поглавјето 32 во однос на усогласување со стандардите за јавна внатрешна финансиска контрола.  

Комисијата со десет гласа „за“ и еден „воздржан“ заклучи дека Предлогот на закон за јавна внатрешна финансиска контрола е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

Од друга страна, повод за измена на Законот за банки е ликвидационата постапка што се води во Македонска банка А.Д.Скопје, којашто во пракса укажа на конкретни слабости во одредени законски решенија. Во членот 162 од Законот за банки е предвидено при стечај или ликвидација на банка, доверителите да ги пријават своите побарувања во рок од најмногу 20 дена.

Поради овој релативно кус период, се предлага измена на Законот за банки, со која се предвидува рокот од 20 дена за пријавување на побарувањата да не се однесува на побарувањата на правни и физички лица по основ на депозити кои ќе се сметаат за пријавени со денот на отварање на стечајната постапка во банката.  

Комисијата со единаесет гласа „за“ и еден „воздржан“ заклучи дека Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за банките е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

Click