Активности



Среда, 24 јуни 2009 година 

Дваесет и втора седница на Комисијата за труд и социјална политика

Комисијата за труд и социјална политика на Дваесет и втората седница, одржана  на 23  јуни 2009 година, како матично работно тело го разгледа Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за вработување на инвалидни лица (Прво читање).

Потребата за донесување на овој закон е заради остварување на неговата поголема ефикасност, што би одело во прилог на обезбедување на поголема заштита на правата од работен однос на инвалидните лица коишто се вработени во заштитните друштва, зајакнување на контролните механизами врз надзорот на наменското трошење на средствата од Посебниот фонд за подобрување на условите за вработување и работење на инвалидните лица, коишто се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија и зголемување на износот на парична казна во случај на непочитување на дел од одредбите на овој закон.

Врз основа на расправата, Комисијата за труд и социјална политика едногласно констатираше дека Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за вработување на инвалидни лица е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Комисијата го претресе и со 7 гласа „против” и  3 гласа „за” не го усвои  амандманот на членот 1 за менување на новиот став  2, поднесен на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за исплата на платите во Република Македонија (Второ читање).

Во однос на Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, по скратена постапка, Комисијата ги претресе следните амандмани: амандманот на член 1, став 1, којшто со 7 гласа „за” го усвои и амандманот на членот 2, став 1, кој со 7 гласа „против” и  3 гласа „за” не беше усвоен.

На седница беше разгледан и Предлогот на закон за изменување и дополнување  на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката (Второ читање).

Во рамки на овој Предлог закон, Комисијата ги претресе и усвои амандманот за менување на насловот на законот и на член 1, став 1 и амандманот на член 1, по новиот став 2. 

 

Click