Активности



Четврток, 18 јуни 2009 година, Брисел

Дводневен самит на Европската унија

Во Брисел започнува дводневен самит на лидерите на 27-те земји-членки на Европската унија, на кој како најважни теми ќе се најдат гаранциите за Ирска за Лисабонскиот договор и нов претседател на Европската комисија.

Ирска е единствената земја од Унијата што на референдумот пред една година го одби Лисабонскиот договор за реформи на институциите на Унијата. Ирците бараат гаранции од ЕУ дека се направени измени во деловите кои тие ги сметаа за спорни и загрозувачки по нивните национални интереси, како воена неутралност, слобода во даночните закони и стриктни закони за абортусот.

Втората важна тема на самитот ќе биде номинацијата за нов претседател на Европската комисија. Актуелниот претседател Жозе Мануел Барозо испрати писмо до Европскиот совет, во кое изразува подготвеност за нов петгодишен мандат. Во писмото, г-дин Баросо истакнува дека амбициите му се изградба на Европска унија во која можностите, одговорностите и солидарноста се поставени во „срцевината на една социјална пазарна економија“, во која се инвестира во современа инфраструктура, во научните истражувања и иновациите и има нагласок за длабока промена, која ќе се темели на општество на знаењето.

На самитот на ЕУ ќе се разговара и за заострување на финансискиот надзор, како и климатските промени.

Click