Активности



Вторник, 16 јуни 2009 година, Луксембург

Изнесена препорака за безвизен режим за Западен Балкан

Шефовите на дипломатиите на земјите-членки на Европската унија изнесоа препорака за укинување на визниот режим за земјите од Западен Балкан, кои ги исполниле потребните критериуми. Министрите ја реафирмираа поддршката за визна либерализација за Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина.

„Советот ја повикува Европската комисија што е можно поскоро да изготви предлог за измена на Регулативата 539/2001, која се однесува на сите земји-членки, со цел до крајот на годината да се реализира процесот на визната либерализација за оние земји кои ги исполниле одредниците“, се наведува во заклучоците од состанокот.

На состанокот во Луксембург, министрите за надворешни работи од Унијата, го нагласија значењето на визната либерализација за земјите од Западен Балкан и ја потенцираа важноста сите држави во тој процес да бидат оценети според сопствените заслуги.

„Советот ги поздравува извештаите презентирани од Европската комисија, во кои се оценува напредокот на овие земји во дијалогот за визната либерализација. Извештаите го покажуваат напредокот што овие земји го остварија во реализирање на одредниците поставени во патоказите за визната либерализација. Советот во таа смисла го поздравува прогресот кој досега го постигнаа земјите и ги повика за забрзување на натамошната имплементација на реформите со цел што е  можно поскоро да ги реализираат одредниците“, се додава во заклучоците.

Еврокомесарот за проширување, г-дин Оли Рен, изрази задоволство од исходот на состанокот и нагласи дека Европската комисија ќе инсистира да ја донесе препораката за укинување на визниот режим пред летната пауза.

„Ја поздравувам одлуката на Советот кој ја повика Европската комисија да претстави, кога тоа ќе биде можно, предлог за промена на законодавството на Европската унија, со цел да се воведе безвизен режим за сите земји кои ќе ги исполнат условите за внатрешна безбедност на Унијата. Комисијата долго време беше посветена на патувањето без визи за луѓето од Западен Балкан. Знаеме колку е ова важно за нив, посебно за младото население, да може да патува слободно и да се образува во ЕУ, без визни ограничувања. Ова е многу важен чекор напред и затоа Комисијата ќе предложи укинување на визите пред летните одмори“, изјави г-дин Оли Рен.

Безвизниот режим ќе стапи на сила откако предлогот на Европската комисија ќе го усвојат земјите-членки на Европската унија.

Click