Активности



Среда, 3 јуни 2009 година

Одржана шестата седница на Националниот совет за евроинтеграции

Националниот совет за евроинтеграции на Шестата седница, одржана на 2 јуни 2009 година, расправаше за реализација на главните приоритети за пристапувањето во Европската унија и на Националната програма за усвојување на правото на Европската унија.

На седницата беше разгледана Информацијата за реализацијата на главните приоритети од Партнерството за пристапување, изготвена од Секретаријатот за европски прашања. На седницата учествуваше и Н.Е г. Ерван Фуере, специјален претставник на Европската унија и шеф на Делегацијата на Европската комисија во Република Македонија.

Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за европски прашања, Ивица Боцевски, информираше за степенот на реализација на главните приоритети од Партнерството за пристапување во Европската унија, за текот на процесот на пристапување на Република Македонија кон Европската унија, како и за преземените активности во насока на реализација на одредниците и активностите на Владата на Република Македонија.

Скицата за реализација на препораките содржани во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2008 година, претставува политички, административен и институционален одговор на препораките на Европската комисија за 2008 година и стратешка рамка, комплементарна на процесот на реализација на одредниците од Партнерството за пристапување, утврдени од страна на Европската комисија како услов за добивање на датум за преговори.

Одржувањето на висок степен на усогласеност и политички консензус е од стратешко значење за остварување на стратешките цели на Република Македонија за 2009 година, вклучително и за добивање на препорака од Европската комисија за почеток на преговори со Европската унија.

Во расправата по Извештајот со свои забелешки и коментари учествуваа Радмила Шекеринска, претседател на Советот, Силвана Бонева, потпретседател на Советот, проф. д-р Владо Камбовски, претставник на Македонската академија на науките и уметностите, и пратениците Кенан Хасипи и Тито Петковски.

Забелешките на дискутантите ќе бидат објавени во делот на Националниот совет за евроинтеграции на интернет страницата на Собранието на Република Македонија.



Click