Активности



Четврток, 25 јуни 2009 година

Претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски го прими министерот за надворешни работи на Словачка Република, г. Мирослав Лајчек

На средбата претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски, изрази задоволство од тоа што Словачката Република своето дипломатско претставништво го подига на ранг на амбасада, со што го покажува позитивниот тренд во билатералните односи помеѓу Република Македонија и Словачката Република, а во тие рамки и соработката на двата парламента. Зборувајќи за нашите стратешки определби, интеграција во евроатлантските структури, претседателот на Собранието, г. Вељаноски, истакна дека Македонија продолжува, по оние познати и непринципиелни настани на Самитот во Букурешт кога не добивме покана за членство во НАТО, активно да учествува во мировните мисии ширум светот, Авганистан, Босна и Херцеговина и други, бидејќи чувствува одговорност за светскиот мир кој е неделива категорија.

Што се однесува до нашето членсво во ЕУ, ние продолжуваме со реформите кои водат кон целосна хармонизација за европското законодавство. Ова го правиме пред сè за нашите граѓани, за бизнис заедницата, бидејќи на тој начин се обезбедуваат исти кавалитетни услови за живеење и работење, какви што имаат европските граѓани и европските стопанственици, истакна претседателот на Собранието, г.Трајко Вељаноски. Затоа, од Брисел и од Европската комисија очекуваме сето ова да се вреднува, а во тие рамки многу брзо да добиеме визна либерализација за нашите граѓани, а исто така да добиеме и датум за преговори.

Претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски, посебно се осврна и на регионалната соработка, на која Република Македонија и посветува големо внимание, бидејќи стабилноста на регионот, неговиот развој и интеграција во евроатлантските структури оди токму преку регионалната соработка на сите нивоа.

Министерот за надворешни работи на Словачка Република, г. Мирослав Лајчек, искажувајќи задоволство од посетата на Република Македонија, изрази целосна поддршка за нашето интегрирање во НАТО и ЕУ. Ние за ова работевме 12 години и не беше лесно. Затоа денеска сме подготвени со нашите пријатели од Македонија, на сите нивоа и институции да го споделиме тоа искуство, за да можат македонските граѓани, како и словачките, да ги уживаат истите бенефити кои ги имаме ние сега. Во тие рамки, министерот Лајчек истакна дека Македонија во целост ги исполнува условите за визна либерализација и верува дека веќе во септември Европската комисија ќе даде препорака за укинување на визите за македонските граѓани, а исто така очекува и брзо добивање на датум за отпочнување на преговорите.

 

Click