Активности



Петок, 12 јуни 2009 година, Европска комисија

Заедничка стратегија За делување на полето на внатрешната безбедност, миграцијата и полицијата

Тероризмoт, заштитата при користењето на интернетот, организираниот криминал и граничната контрола се дел од прашањата содржани во новиот документ на Комисијата, поставени на дебатата за програмата на Европската унија во областа на законите и општествениот ред во следните пет години. Таканаречената „Стокхолмска програма“ ќе ја замени сегашната „Хашка програма“, чиј рок истекува во декември.

Во центарот на вниманието е имиграцијата. Комисијата ги повика земјите од Европската унија да усвојат заедничка стратегија, со која подобро ќе управуваат со границите и ќе одговорат на потребите на пазарот на трудот. Комисијата препорача и донесување закони коишто ќе гарантираат дека имигрантите имаат еднакви права во целата Европска унија, како и за засилена контрола на миграцијата и сферата на работната сила.

Освен за зајакнување на соработката во своите граници, Европската унија треба да работи и со земјите кои не се нејзини членки, за справување со миграционите струи. Унијата треба да ја следи својата политика на задржување и екстрадиране на нелегалните имигранти, а во исто време да охрабрува доброволно враќање. Се смета дека во Европската унија има 8 милиони нелегални имигранти.

Комисијата настојува за поголема улога на Frontex (Европска агенција за гранична контрола) и за системот за набљудување на границите. По надворешните граници на Европската унија има околу 1.800 контролни пункта.

Се предвидува единствена процедура за давање азил со цел да се олесни опторувањето на граничните земји – доброволен систем за прераспределување на бегалците рамномерно меѓу земјите од Европската унија. Грција, Италија, Малта и Шпанија се меѓу земјите кои прават напори да се справат со голем број потенцијални имигранти по море.

Што се однесува до заштитата при користењето на интернетот, Европската унија треба да има единствен систем за осигурување на личните податоци. Тоа може да вклучува европско сертифицирање на технологиите, продуктите и услугите, коишто ја заштитуваат приватноста.

Има планови за развивање на општа стратегија на Европската унија за внатрешна сигурност и за создавање фонд за нејзино финансирање. Унијата треба да ги засили научните истражувања за методите за сигурност и да ги поддржи напорите на земјите-членки за подобрување на нивните судски системи.

За да ја зајакне соработката во делот на спроведувањето на законите, Европската унија сака да создаде програма за полицијата.

Советот и Парламентот следните месеци ќе расправаат за предлозите на Комисијата, а новата програма ќе биде одобрена до крајот на годината.

Click