Активности


Вторник, 31.03.2009 година, Брисел

Соопштение од Шестиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет - Република Македонија и Европската унија

На Шестиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет - Република Македонија и Европската унија, кој се одржа на 31 март 2009 година во Европскиот парламент во Брисел, учествуваше делегација на Собранието на Република Македонија предводена од г. Александар Спасеновски копретседавач на Мешовитиот парламентарен комитет. Во нашата делегација се и пратениците г-ѓа Славица Грковска-Лошкова, г. Сафет Незири и г-ѓа Владанка Авировиќ. На Шестиот состанок беа разгледани повеќе прашања во врска со односите на Република Македонија и Европската унија. Посебно внимание беше посветено на процесот на либерализација на визниот режим за граѓаните на Република Македонија, за состојбата во екологијата, особено за периодот од усвојувањето на Извештајот на ЕК за напредокот на Република Македонија во 2008 година, за состојбите во образованието, особено за образовните програми поврзани со тие на Заедницата, како и за процесот на менаџирање со фондовите на ЕУ, со посебен осврт на Инструментот за претпристапна помош (ИПА).

Во усвоената  Завршна изјава се поздравува фактот дека партиите од власта и од опозицијата, со широка поддршка на невладиниот сектор, се единствени во нивната волја земјата да ги исполни Копенхашките критериуми и условите од Спогодбата за стабилизација и асоцијација (САА), како и за што поскоро членство во ЕУ. Исто така, парламентарците го поздравија напредокот постигнат во процесот на визната либерализација преку издавање на голем број биометриски пасоши и лични карти, преку почетокот на функционирањето на системот за интегрирано гранично управување и востановувањето на национален виза центар. Истовремено, со задоволство беше констатиран напредокот во борбата против трговијата со луѓе, илегалната миграција и корупцијата и се повика Владата на Република Македонија да продолжи во таа насока.

 Мешовитиот парламентарен комитет Република Македонија и Европската унија го поздрави значителниот напредок на Владата во исполнувањето на економските критериуми кои ја доведоа земјата близу до функционална пазарна економија и стабилен БНП. Во оваа насока ја повика Европската комисија да обезбеди и да гарантира непречена реализација на САА и другите земји од Западен Балкан, бидејќи тоа е во функција на стабилноста во регионот.

Парламентарците го поздравија мирниот изборен процес на неодамна спроведените претседателски и локални избори и ги повикаа институциите и политичките лидери да ја преземат одговорноста и да обезбедат дека спроведувањето на вториот круг на изборите на 5 април ќе биде во согласност со меѓународните стандарди.

Мешовитиот парламентарен комитет Република Македонија и Европската унија го поздрави и напредокот во областа на хоризонталната легислатива за заштита на животната средина и повика на задржување на квалитетот и нивото на водата во Охридското, Преспанското и Дојранското езеро, како и за натамошна реализација на проектите со Грција и Албанија во оваа сфера.

Во однос на образовниот процес, Мешовитиот парламентарен комитет Република Македонија и Европската унија го поздрави донесувањето на Законот за високото образование кој обезбедува стандарди согласно со Болоњскиот процес, како и можностите за високо образование на новоотворените факултети во повеќе градови во Република Македонија. Истовремено, се охрабрува натамошното искористување на образовните програми на Европската унија, кои овозможуваат интензивна соработка и трансфер на знаењата меѓу високообразовните институции на Република Македонија и земјите членки на Европската унија  што ќе ги приближи младите луѓе кон европските вредности.

Парламентарците ги констатираа и ги поддржаа напорите на Владата на Република Македонија во востановувањето на неопходните структури за децентрализирано управување со Инструментот за претпристапна помош (ИПА) и ја охрабрија Европската комисија да донесе Одлука да го префрли менаџирањето со фондовите на ИПА на  националните власти.   

    
 Интегрален текст на усвоената декларација

 

 

 

 

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.