Активности


13.03.2009

Европскиот парламент ја усвои Резолуцијата за напредокот на Република Македонија за 2008 година

Европскиот парламент на својата вчерашна седница ја усвои Резолуцијата за напредокот на Република Македонија за 2008 година поднесена од известителот Ерик Мејер. Европратениците уште еднаш ја потврдија својата поддршка за европската перспектива на Република Македонија, но истовремено изразија жалење што сеуште нема почеток на преговорите. Европратениците побараа од Советот да одлучи и да даде датум за почеток на преговори во текот на оваа година истакнувајки дека членството на Република Македонија во ЕУ е од витален интерес  за стабилноста на  регионот Западен Балкан.

Европратениците ја нагласија потребата Република Македонија и Грција да најдат взаемно прифатливо решение за прашањето за името, истовремено давајќи поддршка за процесот на посредување на Обединетите нации. Парламентот истакна дека доколку двете земји не дојдат до решение во скоро време, тоа може да доведе до долг застој на пристапувањето на Република Македонија во ЕУ. Европратениците се надеваат дека преговорите меѓу Република Македонија и Грција ќе продолжат и покрај покренатата процедура што Република Македонија ја започна пред Меѓународниот суд на правдата, заради непридржувањето на Грција кон Времената спогодба.

Европратениците уште еднаш ја повторија својата поддршка за аспирациите за членство во ЕУ на Република Македонија, кои сметаат дека се витални за стабилноста на регионот на Западен Балкан. Европратениците изразија жалење што преговорите со Република Македонија сеуште не се започнати и побараа од Советот да го забрза процесот и да даде датум за отпочнување на преговорите.

Парламентот го поздрави напредокот направен од страна на земјата во голем број на области, вклучувајѓи ги и прашањата за визите, борбата против трговијата со луѓе и нелегалната миграција. Во однос на тоа, европратениците и предложија на Комисијата да го либерализира визниот режим за граѓаните на Република Македонија. Парламентот исто така го констатираше напредокот направен од страна на земјата кон функционална пазарна економија.

Усвоената резолуција го нагласува успешното спроведување на парламентарнит избори во Република Македонија. Европратениците исто така го поздравуваат напредокот постигнат на поле на управување со Инструментот за претпристапна помош. Парламентот ја повика Република Македонија за солидарност со своите соседи во однос на културата и историјата и побара воздржување од "говор на омраза". Европратениците исто така побараа од властите на Република Македонија да осигураат слобода на говорот во медиумите.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.