Делегации

Вторник, 20 ноември 2012 година

Дваесет и шесто издание на билтенот на МПК РМ-ЕУ

Во актуелниот број на Билтенот на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Македонија и Европската унија (МПК – РМ и ЕУ) претставени се посетата на Република Македонија на д -р Ласло Ковер, претседател на Парламентот на Република Унгарија на Република Македонија и неговите средби со претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски и со претседателот на Комитетот за односи меѓу заедниците, г-ѓа Ермира Мехмети и членовите на комитетот.

Претседателот Ковер уште еднаш ја повтори поддршката на Унгарија, која и досега, не само декларативно, туку многу конкретно ја поддржува Република Македонија во процесите на интеграција во ЕУ и НАТО и истото ќе го стори и на Самитот на ЕУ во декември оваа година. Претседателот Вељаноски се заблагодари на поддршката и истакна дека Унгарија ја доживувавме како наш вистински пријател и држава која вложува многу во нашето интегрирање, како и интеграција на целиот регион. 

Во рамките на овој месец, претседателот Трајко Вељаноски беше во прва официјална посета на Словачката Република на претседатели на парламенти на двете земји од нејзината независност. Во текот на посетата, беа остварени средби со  претседателот на Националниот совет, г. Павол Пашка и со вицепремиерот и министер за надворешни работи, г. Мирослав Лајчак. На средбите, Претседателот Вељаноски, во контекст на актуелните политички настани, потенцираше дека Република Македонија и нејзините институции го имаат потребниот капацитет да се справат со секој нов предизвик, со секоја суштинска реформа, процесите да се движат и разрешат во самите институции. Од Словачка страна беше истакната големата улога која парламентарната дипломатија може да ја одигра во унапредувањето на билатералните и мултилатералните односи, а дека најдобар мост за продлабочување на соработката меѓу двете земји е образованието и заедничкото негување на Кирилометодиевската традиција, особено во пресрет на одбележувањето следната година на 1150 години од мисијата на Св. Кирил и Методиј во Словачката Република.

Собранието на Република Македонија, во рамки на парламентарната димензија на Македонското претседателство со Процесот за соработка во Југоисточна Европ, на 15-16 октомври 2012 година беше домаќин на Меѓународната конференција „15 години од парламентарната димензија на ПСЈИЕ - минатото, сегашноста и европската иднина на Регионот“ и 7. состанок на Работната група за Парламентарната димензија на ПСЈИЕ. Настанот даде осврт на почетоците, достигнувањата, предизвиците и перспективите на меѓупарламентарната соработка во контекст на европското единство, на кој учествуваа претставници на националните парламенти, непосредни учесници и познавачи на регионалната парламентарна соработка, како и претставници на регионални институции и организации, експерти и претставници на граѓанското општество. Седмиот состанок на Работната група за парламентарна димензија на ПСЈИЕ беше посветен на процесот на институционализирање и натамошниот развој на регионалната меѓупарламентарна соработка и на активностите во рамките на ПСЈИЕ во наредниот период.

Меѓу останатите вести, во Билтенот претставена е заедничката средба  јавната расправа на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања посветена на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2012 година и усвоените заклучоци кои се упатени до Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија и Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, како и средбата на Комисијата за европски прашања со г. Петар Шуф, специјален пратеник за начелни прашања на надворешните односи на ЕУ и за односи со земјите-членки на ЕУ за Сојузното министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија, на која беше упатена порака Република Македонија да го искористи временскиот период до декемврискиот самит и да ги заврши преостанатите задачи  и надеж дека одлуката во декември ќе биде конструктивна за нашата земја.

Последниот број на Билтенот, како и неговите минати изданија, можете да ги прочитате на следнава адреса:
http://www.sobranie.mk/?ItemID=CE34543E8A02C145AEDBFA3FCA5837CE

a за повеќе информации за активностите на МПК, одете на следниов линк:
http://www.sobranie.mk/?ItemID=B052DC5680964D41A79CCA558F2A68E4

Click