Делегации

Четврток, 19 декември 2019 година

Европратениците едногласно ја потврдија поддршката за европската перспектива на Северна Македонија 

На 18 и 19 декември во Европскиот парламент во Стразбур се одржува 17. Состанок на Мешовитиот парламентарен комитет - Република Северна Македонија и Европската унија - Парламентарен комитет за стабилизација и асоцијација. Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во состав Соња Мираковска, ко-претседавач и членовите Жаклина Лазаревска, Бетиан Китев, Никола Попоски, Шпреса Хадри, Ивана Туфегџиќ, Иван Стоиљковиќ и Мерал Узеири Ферати, заеднички дебатираат со европратениците за неколку аспекти на реформската агенда на Северна Македонија и тоа за владеењето на правото, човековите права, младинските политики, слободата на медиумите, судските реформи, борбата против организираниот криминал и корупцијата. 

Мешовитиот парламентарен комитет, кој според статутот за работа се состанува двапати годишно, е прв со новиот состав на Европскиот парламент и последен со актуелниот состав на Собранието на Република Северна Македонија, а пратениците во текот на дискусиите разменија мислења за односите со Европската унија, како и за последните случувања по не доделувањето на одлука за почеток на преговори за членство во ЕУ на последниот самит на Европската унија во октомври.

Европратениците во своите интервенции едногласно ја потврдија поддршката за европската перспектива на Северна Македонија, а во однос на долгиот и обемен преговарачки процес беше нагласено дека има место за негово подобрување, но тој мора да остане кредибилен, предвидлив и функционален. 

Во дискусиите, беа повикани и власта и опозицијата заеднички да обезбедат континуитет и фокус на реформите во наредниот период, а изборите кои се предвидуваат за април да се спроведат во согласност со меѓународните стандарди. Беше изразена и надеж дека одлуката за почеток на пристапните преговори ќе се случи следната пролет и пред одржувањето на самитот во Загреб. 

Во името на Владата на Република Северна Македонија на состанокот се обрати заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, кој нагласи дека европската перспектива на земјата суштински влијае врз домашните реформи и заради тоа повика на брзо доделување на датум за започнување на преговорите со Европската Унија.  

Click