Делегации

Четврток, 3 декември 2015 година

Отворен 13. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет-Република Македонија и ЕУ

Тринаесеттиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет-Република Македонија и Европска унија кој се одржува денеска и утре, во Собранието на Република Македонија беше отворен од страна на копретседавачите, г. Кенан Хасипи и г. Алојз Петерле.

На состанокот покрај членовите на Мешовитиот парламентарен комитет беа присутни и г. Фатмир Бесими, потпретседател на Владата на Република Македонија задолжен за евроинтеграции, како и г. Аиво Орав, амбасадор и шеф на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија.

Копретседавачот Хасипи, во своето воведно обраќање ги поздрави присутните посакувајќи им успешна работа во рамки на состанокот, воедно посочи дека со враќањето на опозицијата во парламентот, МПК е комплетиран и исполнети се сите услови за одржување на истиот.

На состанокот присутните го усвоија предложениот дневен ред за работа, воедно без забелешки беше усвоен и минатогодишниот записник од 12. состанок одржан во Стразбург.

Копретседавачот, Петерле посочи дека е овде со иста цел да се даде поддршка на процесот за пристапување на Македонија кон ЕУ, примената на политичкиот дијалог и реформите со цел одржување на условената позитивна препорака. Важно е  политичкиот дијалог да продолжи, тој се спроведува чекор по чекор и во тој дух да се продолжи.

Беа разгледани повеќе прашања во врска со односите на Република Македонија и Европска унија, имплементација на договорите од 2 јуни и 15 јули и предвидените цели од Пристапниот дијалог на високо ниво, со посебен осврт на: владеење на правото, реформи во судството и борбата против корупцијата; изборната реформа и претстојните парламентарни избори; слободата на медиумите и дијалогот меѓу заедниците.

Во контекст на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија во 2015 година, како и Стратегијата за проширување на Европската унија и Пристапниот дијалог на високо ниво, беа разменети мислења од страна на г. Бесими, потпретседател на Владата на Република Македонија задолжен за евроинтеграции и г. Орав, шеф на Делегацијата на Европската унија.

Состанок продолжува и утре, каде со оглед на актуелната ситуација во регионални и глобални рамки, ќе се расправа и за мигрантската криза: предизвици, справување и можни последици, а на крајот од сесијата се очекува и усвојување на завршните препораки на Комитетот.

Click